Од јавното претпријатие „Градски паркинг“ известуваат дека во периодот од 30.8. до 5.9.2024 година, со специјалните возила „пајак“ биле подигнати вкупно 268 непрописно паркирани возила.

Од вкупниот број подигнати возила, 25 биле отстранети од зонските паркиралишта, пет биле услуга за трето лице, а останатите 238 возила биле по налог на сообраќајната полиција, по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци.

– Исто така, изминатава недела, контролорите на зонските паркиралишта санкционираа вкупно 398 возила, поради нерегулирано паркирање, т.е. ненаплатена паркинг-услуга. Од нив, вкупно 25 се отстранети со Пајак-службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето – соопштија од ЈП „Градски паркинг“.

Од претпријатието апелираат до сите корисници на неговите услуги навремено да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата за да се спречи поставување блокатор на тркалото и потсетуваат дека плаќањето може да се изврши преку СМС- порака, скенирање QR-код, апликацијата Parking. mk и со греб-картичка.