Мерката есенска потрошувачка кошница ќе трае еден месец, а потоа цените ќе се вратат на старо. Оваа се покажа како практика во изминатиот период кога исти и слични мерки носеше претходната влада. Според економските експерти за да се реши проблемот со цените не треба постојано да бараме од Владата да интервенира, туку треба да се најде некое подолгорочно решение. Според нив, треба да го зголемиме домашното земјоделско производство и да се намалат даноците на основните прехранбени производи. И земјоделците се согласуваат дека ние практично веќе немаме домашно производство поради тоа цените на земјоделските производи се толку високи.
Ставот на стопанството е дека намалувањето на маржите на прехранбените производи е непазарна мерка и нема да даде некои позначителни резултати. Потребно е да се најде подолгорочно решение од кое корист ќе имаат и граѓаните и компаниите.
-Од есенцијално значење е да се зголеми домашното производство, вклучувајќи го земјоделското производство и индустриското производство на храна. Но, веднаш тука ќе кажам дека старите агро-економски политики доведоа да увезуваме 80 отсто од земјоделските производи, храната и суровините во прехранбената индустрија, а само 20 отсто произведуваме. Сигурно не може да очекуваме нешто ново. Неопходна е силна поддршка на земјоделството и на производството, треба да се создаде состојба во која трговијата ќе биде скапа, а производството евтино. За таа цел потребна е конкретна поддршка на преку евтини кредитни линии, грантови за производствени инвестиции, интервентен фонд за земјоделство, како и субвенциите да одат кај реалните производители, а не кај фиктивните изнајмувачи на земјоделско земјиште. Со други зборови потребен е сет таргетирани мерки во земјоделството и индустриското производство, изјави за весникот ВЕЧЕР, Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори.
Според него, во државата мора да се создадат услови земјоделското производство да биде профитабилно. Во моментот е непрофитабилно и само живуркање. Тој додава дека соседните земји имаат далеку поквалитетни економски мерки и политики кои им овозможуваат полесно да се справат со овие проблеми.
-Динамичните времиња за само неколку години многу ја сменија ситуацијата во однос на економијата, посебно во агро и производниот сегмент. Сега луѓето не се занимаваат со земјоделство и производство, затоа што многу лесно се трансферираат во други бизниси во кој има побрз и поголем профит, додава Георгиевски.
Горан Малишиќ, претседател на Здружение за мелничко-пекарска индустрија, исто така смета дека за да имаме конкурентни цени неопходно е зголемување на земјоделското производство.
-Овие мерки се непазарни и ефектот е мал. Потребно е да се зголеми домашното производство не само во нашиот сектор, туку во целата индустрија. Треба да се зголеми и земјоделското производство и да се намали увозот. Увозните цени се секогаш повисоки. За таа цел потребно е да се направи подолгорочен план на 5 – 10-годишен план за зголемување на домашното земјоделско производство. Со тоа и ефектот би бил поконкурентни цени и за домашниот пазар и за извоз, изјави Малишиќ за ВЕЧЕР.
Економските експерти велат дека државата мора да почне со примена на други мерки кои ќе имаат подолгорочен ефект врз цените, како што е намалување на даноци на основните прехранбени производи и зголемување на домашното земјоделско производство.
-Треба да се интервенира во земјоделството. Ние сме земја во која успева земјоделското производство. Мора да имаме план што ќе се случи во наредните 10-15 години. Треба да се субвенционира, да се работи земјата, да се произведува, да имаме поголема понуда… Во спротивно секогаш ќе бараме Владата да интервенира со вакви мерки кои не даваат резултат, вели Менди Ќира.
Според него, оваа мерка е копипаст од старата власт и очигледно е дека со вакви мерки нема резултат, само се губи квалитетот и се поттикнува сивата економија.
И земјоделците се согласуваат дека ние практично веќе немаме домашно производство поради тоа цените на земјоделските производи се толку високи.
– Поради климатските промени, количините се преполовени, а квалитетот е намален. Ние немаме веќе домашно производство, сè е од увоз. И она што го има – сушата го уништи, односно 60-70 отсто е трета класа. За жал, тоа е реалноста и ќе мора да се соочиме со тоа дека земјоделските производи ќе бидат сè поскапи и ќе ги нема – изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
(А.С.)