За еден месец горивата пораснаа 7 денари за литар, граѓаните не може глава да кренат од поскапувања!

Цените на горивата од средината на јануари не престануваат да растат. За еден месец во просек се зголемија 7 денари за литар. Зголемувањето на цените на нафтата се одразија врз семејниот буџет на домаќинствата и врз трошоците на компаниите. Проблем за компании е што цената на екстра лесно масло за загревање на погоните се зголеми и се изедначи со дизелот. Сето ова, велат од бизнисот, ќе влијае на крајната цена на производите, односно на нивно зголемување, која повторно на крајот ќе ја платат граѓаните

784

Цените на горивата од средината на јануари не престануваат да растат. За еден месец во просек се зголемија 7 денари за литар. Со последната одлука малопродажната цена на евросупер – 95 изнесува 83 денари за литар, на евросупер – 98 изнесува 85,5 денари за литар, а на евродизелот изнесува 80,50 денари за литар. Само пред еден месец цената на евросупер – 95 изнесуваше 76 денари за литар, а на евродизелот 74 денари за литар.

Зголемувањето на цените на нафтата се одразија врз семејниот буџет на домаќинствата и врз трошоците на компаниите.

-Точно дека зголемувањето на цените на горивата ќе се одрази на трошоците на компаниите, пред сè на транспортните компании. Но зголемената цена на транспортот на стоки ќе влијае и на цените на другите производи. Проблем е за компании кои користат екстра лесно масло за загревање на погоните. Цената на црвеното гориво порано беше значително пониска од цената на дизелот, а сега речиси се изедначија. Не е логично цената на горивото за автомобили и за загревање на производствените погони да биде иста. Сето ова ќе влијае на крајната цена на производите, односно на нивно зголемување која на крај повторно ќе ја платат граѓаните, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, стопанственик.

Од Регулаторна комисија за енергетика објаснуваат дека малопродажните цени на нафтените деривати зависат од референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар и од курсот на денарот во однос на доларот.

– Ако има зголемување на референтните цени и кај нас се врши соодветно приспособување на цените на нафтените деривати. Врз цената на горивата влијае и курсот на денарот во однос на доларот. Овие два елемента имаат најголемо влијание во формирање на цените на нафтените деривати кај нас. Исто така врз цените влијаат и геостратешките случувања во светот. Но и покрај тоа што последниов месец цените на горивата растат, сепак имаме најевтино гориво во регионот. Потврда за тоа е што соседите доаѓаат кај нас за да ги наполнат резервоарите со гориво, објаснуваат за весникот ВЕЧЕР од РКЕ.

Поради зголемените цени на горивата зголемени и се трошоците за транспорт. Според последната пресметка на Сојузот на синдикати на Македонија едно четричлено семејство во февруари требало да издвои 4.956 денари за превоз.

Споредено со претходниот месец, синдикалната кошничка во февруари е зголемена за 313 денари, а освен на зголемување на цените на храната влијаеле и зголемените цени на горивата.

– Повторно има зголемување на цените во делот на храната, пијалаците, горивото… и трошоците овој месец се повисоки за 313 денари. Само горивото, во просек, е зголемено за 7 денари за литар. Сето ова покажува дека информациите за намалување на стапката на инфлација не се точни, со оглед на тоа дека ситуацијата на терен е поинаква, односно секој месец имаме зголемување на цените, велат од ССМ.

Цените на нафтата во светот се на највисоко ниво во последните 3 месеци, а аналитичарите очекуваат растот да продолжи.

Цените на нафтата се искачија на највисоки нивоа од 2010 година, поттикнати главно од тензиите на Блискиот Исток и напорите на ОПЕК да го ограничи производството. Од друга страна, Меѓународната агенција за енергетика ја намали проценката за растот на годинашната просечна побарувачка на нафта, но истовремено очекува и поголем пораст на снабдување.

Аналитичарите веруваат дека нафтата од типот Брент, глобалниот репер, може да достигне 85 долари за барел на краток рок, а можеби и 90 долари до крајот на годината. Тоа би значело 80 долари за сурова нафта Вест Тексас, во блиска иднина и 85 долари до крајот на годината.

Прогнозите се дека цените ќе продолжуваат да растат до просечни 109 долари во 2025 година, 128 долари во 2026 година и, конечно, 115 долари во 2027 година. Ова сценарио одразува некои проценки во енергетската индустрија кои веруваат дека глобалните вишоци ќе почнат да исчезнуваат по 2024 година.

(А.С.)