Вложувањата на граѓани, институции и компании во неживотни осигурувања во јули достигнаа 1,29 милијарди денари (21 милиони евра). Ова претставува рекордно, односно највисоко месечно ниво на вложување во осигурителни производи во првите седум месеци годинава, покажуваат официјалните месечни податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат сите 11 осигурителни компании кои продаваат неживотни осигурувања.
Досега месеци со највисоки вложувања во осигурувањето, според официјалните податоци, беа јануари и јуни со по 1,22 милијарди денари (19,8 мил. евра). Побарувачката за осигурување во јули е за 13 отсто повисока од продажбата на осигурување неживот во јануари и во јуни.
Од сите класи на доброволни осигурувања, очекувано, најмногу пари се вложени во осигурување имот. Граѓани, фирми и институции склучиле над 14.000 договори во кои вложиле 184 милиони денари (3 милиони евра).
На второ и трето место според продажбата на доброволни осигурувања во јули беа каско осигурувањето за моторни возила и приватното (дополнително) здравствено осигурување. Во осигурување на штети врз своите возила (каско) осигурениците во јули вложија 126,3 милиони денари (2,05 мил.евра). Тоа е раст од 9 отсто во однос на јуни годинава.
Од продажбата на приватно здравствено осигурување компаниите акумулирале 105,5 милиони денари (1,7 мил. евра). Продажбата на овој производ во јули е за нијанса помал во однос на продажбата во јуни годинава.
Вредно за истакнување е дека во ек на сезоната на летни одмори продажбата на патничко осигурување достигна ниво од 44,8 милиони денари (728.000 евра). Тоа е 16 отсто повеќе во однос на претходниот месец јуни. Раст на продажбата на патничко осигурување од 6 отсто има и во однос на јули лани.
Во најголемата осигурителна класа осигурувањето од автомобилска одговорност, која е воедно и задолжителна со закон со цени регулирани од државата, има најголем раст на продажбата. Во јули компаниите од продажба на полиси (задолжително осигурување кое се купува при регистрации, зелена карта при возење во странство и гранично осигурување за странци кои возат низ Македонија н.з.) инкасирале 693,4 милиони денари (11,3 мил. евра). Во споредба со истиот месец лани во јули годинава продажбата е зголемена за над 60 милиони денари (1 мил. евра).
Продажбата на зелена карта (осигурување за возење во странство) во јули надминала 3 милиони евра и е за 8 отсто повисока од истиот месец лани. Клучен генератор на растот на продажбата е осигурувањето за возење во земјава (ЗАО -задолжителното осигурување од автомобилска одговорност кое се продава при регистрација на возилата н.з.).
Продажбата на ова осигурување (чија цена е регулирана од Владата) во јули изнесува 473 милиони денари (7,7 мил. евра) и тоа е за 11,3 отсто повеќе од јули лани. Со оглед на тоа дека не се променети цените на ЗАО растот на приходите од продажба е генериран од зголемениот број на регистрирани возила во Македонија. Во јули годинава, според податоци на Националниот биро за осигурување (НБО) се регистрирани над 85.000 возила. Тоа е за 12 отсто повеќе регистрирани возила во јули годинава во споредба со јули 2023 година.