За делчевци генерално се почитуваат потрошувачките права

84

Во Македонија генерално се почитуваат правата на граѓаните како потрошувачи, а делчевци од година во година се со зголемена свест околу заштитата на нивните права како дел од потрошувачкото општество. Ова е генералната оценка на Организацијата на потрошувачи од Делчево, чиј претставник Сребран Ѓеоргиевски, вели дека сепак постојат одредени аномалии на кои потрошувачите укажуваат, но против повредата на нивните права во одредени случаи не постои правно решение за ставката по однос на која е констатирана неправилност.

– Во последните години многу се потенцираат оние привлечни реклами за набавка на атрактивни производи од областа на техниката, телефони компјутери и така натаму каде што честопати цел на таканаречени превари и измами се поголеми парични износи за производ кој не соодветствува за цената за која се продава, што подоцна откако ќе се случи “инцидентот#, тешко се наоѓа правно решение за случајот, вели тој.

Ѓеоргиевски им препорачува на граѓаните и на помладите генерации, дека најнапред добро треба да ја проучат декларацијата за самиот производ, да прочитаат добро што се нуди за извесна сума и што е она што може да следи подоцна како некаква потенцијална опасност за нив како потрошувачи.
Во Делчево анкетираните граѓани сметаат дека се почитува потрошувачкото право.

– Јас од мое искуство можам да кажам дека некои компании го почитуваат правото на потрошувачите. Ми се има случено еднаш купив перална која беше неисправна, ми ја бараа фискалната, им ја дадов и веднаш ми дадоа нова перална. Исто така ми се има случено со некои колонијални продавници кога некој производ кој е со изминат рок, сум го вратил производот и ми го замениле, секако притоа ја имав фискалната сметка, истакна Ружди Арифовски, граѓанин на Делчево.
Од Организацијата на потрошувачи истакнаа дека ги следат овие општи состојби и за сите аномалии или проблеми со кои ќе се соочат граѓаните ги упатуваат до Советот на потрошувачи што функционира во склоп на Советот на Општина Делчево, каде што претставките за посериозни случаи се проследуваат до комисиите кои ги разгледуваат нивните забелешки и проблем, па потоа ги проследуваат до соодветните органи или институции во државата.