За да се попополни дупката во Буџетот мора да се зголеми ДДВ-то од 18 на 19,5 отсто

Повторно се актуализираше прашањето околу зголемување на даноците. Деновиве се водеше жестока дебата помеѓу Владата, бизнисот и економистите за зголемување на ДДВ-то од 18 на 19,5 отсто. Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација, смета дека со зголемување на ДДВ-то ќе добие и државата и општините. 80 отсто од парите кои ќе се приберат од ДДВ-то ќе одат за општините, а 20 отсто за пополнување на дупката во Буџетот. Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека за да не се зголеми јавниот долг за плаќање на тековните обврски треба да се зголемат даноците. И Светска банка во најновиот извештај „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување на стабилност и поттикнување на отпорноста“ предлага зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти и елиминирање на преференцијални стапки за оние производи и услуги кои не се неопходни

46

Сè уште се води жестока дебата помеѓу Владата, бизнисот и економските експерти околу тоа дали треба да се зголеми ДДВ-то од 18 на 19,5 отсто. За можноста за зголемување на ДДВ-то одамна се зборува, а бизнисот ова прашање го актуализираше на последната седница на Економско-социјалниот совет. Од бизнис заедницата од каде што произлезе овој предлог велат дека 80 отсто од парите кои ќе се приберат од ДДВ-то ќе одат за општините, а 20 отсто за Буџетот. Економските експерти сметаат дека мора да се зголеми ДДВ-то за да се покрие дупката во Буџетот.

Премиерот Христијан Мицкоски по седницата на ЕСС рече дека треба да ги ставиме сите аргументи на маса, да направиме една жестока анализа, да видиме што добиваме, што губиме и дури потоа да носиме одлуки. Во каква кондиција е полнењето на буџетот?

Според директорката на УЈП, Елена Петрова, нема потреба од зголемување на ставката на ДДВ и додаде дека со други методологии, со други пристапи може да се подобри даночната усогласеност и да се мобилизираат даночните приходи со задржување на ниски даночни стапки.

– Ние работиме во рамките на политиките на Владата и на фискалната стратегија, тоа се политики за одржување ниски даночни стапки, а собирањето или мобилизацијата на даночните приходи треба да ја обезбедиме во тие услови на ниски даночни стапки. Тоа можеме да го направиме со проширување на даночната база, со интегрирање на сивата економија во формалната економија и со разни други мерки кои ќе се однесуваат на намалување на сите други даночни гафови, односно загуби на даночни приходи поради даночна евазија поради нецелосно и неточно плаќање на даноците – рече Петрова.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација смета дека со зголемување на ДДВ-то ќе добие и државата и општините. 80 отсто од парите кои ќе се приберат од ДДВ-то ќе одат за општините, а 20 отсто за пополнување на дупката во Буџетот.

-Овој предлог ние го доставивме до Владата на 9 септември и сега повторно го ставивме на маса. Целта е со зголемување на ДДВ-то постепено да се ослободува државата од постојано давање на средства на општините. Тоа значи дека ќе треба системски општините да стекнуваат фискална независност, што значи дека треба да бидат потранспарентни при прибирање и трошење на парите. Ова е повод општините да бидат независни и да ги поттикнеме да размислуваат на други начини за прибирање на приходи. Таа независност се однесува на локалните компании и граѓани кои ќе придонесуваат за нивните општини, изјави за весникот ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација.

Тој додава дека на овој начин ќе се реорганизираат приходите на општините. Ние ќе бараме одговорност и резултати од локалната заедница и спроведување на фискалната децентрализација.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека за да не се зголеми јавниот долг за плаќање на тековните обврски треба да се зголемат даноците.

-Проблем е што во иднина ќе стасуваат сè повеќе обврски за плаќање на државата. Сите обврски се идни даноци. За да не се зголеми јавниот долг за плаќање на тековните обврски треба да се зголемат даноците. Македонија и во иднина ќе се соочува со проблемот како да се реши дупката во буџетот. Сè уште е непознато колкави ќе бидат обврските кои ќе стигнат за плаќање наредната година. Треба да се гледа на расходната страна, ако не може да се скрати на трошоци ќе мора да се задолжуваме, изјави за весникот ВЕЧЕР, Хајредини.

Според него, со оглед на тоа дека буџетскиот дефицит ќе биде долгорочен мора да се зголемат даноците за да се покрие дупката во буџетот.

-Немаме друга опција освен зголемување на даноците – ДДВ-то и данокот на добивка. Се поставува прашањето има ли Владата политичка храброст да ја намали огромната администрација која брои 129 илјади луѓе?, додава Хајредини.

И аналитичарот Синиша Пекевски смета дека треба да се зголемат даноците особено ДДВ-то кое е најниско во регионот.

-Сметам дека ДДВ-то треба да се зголеми бидејќи моментално е најмало од сите земји во регионот. Кредитите што се земаат треба и да се вратат, а единствен начин е да се направи тоа е преку зголемено ДДВ. Нашата финансиска дисциплина е на многу ниско ниво, а и трошењето на парите е на ниско ниво, скоро и да нема никаква транспарентност. Социјалните бенефити што ги бараат сите можат само да се покријат преку зголемено ДДВ, а касата е празна, изјави Пекевски за ВЕЧЕР.

Според Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, покачувањето на ДДВ сигурно ќе удри по сиромашните, а нема ни да ги чепне богатите.

-ДДВ многу повеќе ги даночи сиромашните отколку богатите затоа што ДДВ е данок на потрошувачка, а сиромашните го трошат целиот свој доход, додека пак богатите кои трошат околу 5 отсто од парите кои ги заработуваат, изјави Јовановиќ и додаде дека покачувањето на ДДВ-то од 18 на 19,5 сигурно ќе удри по сиромашните и по средната класа, додека пак нема ни да ги чепне богатите.

И Светска банка во најновиот извештај „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување на стабилност и поттикнување на отпорноста“ предлага зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти и елиминирање на преференцијални стапки за оние производи и услуги кои не се неопходни.

Оттаму предлагаа да се зголемат даночните приходи за да се обезбеди консолидација и фискален простор. Во извештајот на Свестска банка пишува дека „најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донесе задоволителни резултати“. За зголемување на приходи, Светска банка предлага и зголемување на акциза за алкохол, зголемување на даноци за цигари и воведување на данок за шеќер и зашеќерени пијалаци, што е и согласно глобалните здравствени препораки.

(А.С.)