За „Герника“: Гестапо кон Пикасо: „Дали ти го направи тоа?”, а тој „Не, вие!“

1094

Насликана во јуни 1937 година во домот на Пикасо во Париз, како одговор на бомбардирањето на нацистичка Германија и фашистичка Италија на баскиското гратче Герника, од кое познатото дело ќе го добие името, сликата ја подигна свеста (но и собира средства) за Шпанската граѓанска војна кога дебитира на Светскиот саем во Париз истата година

Историјата најпрво се сеќава на Пабло Пикасо како иновативен сликар, а второ како неприкосновена личност. Ова второво особено генерира многу анегдоти во неговиот долг живот, некои сигурно апокрифни (скриени, тајни), но веројатно вистинити. Еден краток новинарски напис во „Гардијан“ за едно од неговите најпознати платна започнува со приказната за тоа дека „во окупираниот Париз, офицер на Гестапо се втурнал во станот на Пикасо покажувајќи му фотографија од муралот Герника и го прашал: ‘Дали ти го направи тоа?’ ‘Не’, одговорил Пикасо – ‘вие го направивте’, рекол остроумно зајадлив сликарот и со гнев што се прикажува од делото“. Тоа го кажал за она дело за кое навистина требаше храброст да се наслика во тоа време.

Насликана во јуни 1937 година во домот на Пикасо, во Париз, како одговор на бомбардирањето на нацистичка Германија и фашистичка Италија на баскиското гратче Герника, од кое познатото дело ќе го добие името, сликата ја подигна свеста (но и собира средства) за Шпанската граѓанска војна кога дебитира на Светскиот саем во Париз истата година.

Како настана Герника?

Пикасо на осумметарско платно остави сведоштво за немилиот настан во Герника. Сликата многумина ја сметаат за симбол на мирот.

Во 1937 година, шпанската републиканска влада, на тогаш веќе добро познатиот сликар Пабло Пикасо му порачува дело кое на претстојната, голема светска изложба ќе ја претставува Шпанија. Недостатокот на инспирација на почетокот го вознемирува Пикасо. Но, тоа не трае долго.

Во Шпанија, во тоа време, речиси една година беснее граѓанската војна меѓу шпанските нацисти предводени од генералот Франко и републиканците. На 26 април 1937 година, германската и италијанската авијација, поддржана од генералот Франко, ја опсипува со бомби Герника во Баскија. За време на свирепиот чин голем број луѓе биле убиени, а градот речиси бил уништен.

Во таква ситуација, на немоќниот човек пред налетот на силата многу помоќна од него, му преостанува само немо да го набљудува злото кое пред него кулминира. Меѓутоа, ако овој немоќен човек е уметник, тој пркосно ќе ги собере своите бои и  само за неколку недели ќе го наслика едно од најважните дела во историјата на уметноста – Герника.

На настанувањето на сликата ѝ претходеле неколку скици. Недефинираните форми кои личат на човечки и животински прилики ја прават композицијата на сликата која истовремено и потсетува и предупредува. На левата страна на композицијата е насликана глава на минотаур, што за сликарот е симбол на тиранијата. Отсуството на бои го доловува присуството на воените ужаси. А присуството на движењата кои сугерираат крикови, паника и очај, го претставува недостатокот на човечното меѓу воените злосторници кои ја иницираат војната.

Сликата првпат била изложена во јуни истата година, на големата светска изложба што се одржа во Париз, како што и било предвидено.

Пикасо, кој за време на војната бил во Париз, не дозволувал сликата да биде пренесена во Шпанија, сè додека во неговата земја не биде воспоставена демократија. Пред смртта, тој побарал од неговиот адвокат Роланд Дими, во никој случај да не дозволи пренос на сликата од Музејот на современата уметност, сè додека генералот Франко е на власт.

Така и било. Сликата е пренесена во Шпанија дури во 1981 година, неколку години по смртта на генералот Франко. Оттогаш таа се наоѓа во Музејот на кралицата Софија во Мадрид.

А што се однесува за градот Герника… Тој денес е убав и веќе одамна обновен град на северот на Шпанија. Во него се организираат едукативни работилници, семинари и конференции на тема мир. Покрај тоа, секоја година, традиционално се прогласува добитник на „Герника наградата за мир“.