За влакно избегната тепачка во Собрание – буџетот ги скара Битиќи и Стојановски

1404

Во текот на наредните десетина денови, Комисијата за финансирање и буџет ќе го разгледува првиот Буџет на новата Влада, предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Во текот на овие неколку месеци направивме огромни напори да ја консолидираме државата со оглед на состојбата што ја затекнавме во делот на инфраструктурата, здравството, енергетиката, безбедноста, јавната администрација и буквално секој еден сегмент од централната власт, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

И додека власта тврди дека буџетот е развоен со социјална компонента, опозицијата останува на ставот дека е расипнички и безидеен буџет кој ќе генерира нови долгови и ќе донесе уште една изгубена година на економски план.

На првиот ден од расправата, малку фалеше во Собранието да се случи физичка пресметка помеѓу пратениците Фатмир Битиќи и Бојан Стојановски. Веста која први ја пренесоа од ТВ21 вели дека до зовриена атмосфера дошло откако Стојановски од собраниската клупа му дофрлил на Битиќи со зборовите: Лажеш!

Целиот овој настан се одвивал во моментот кога Битиќи зборувал дека јавниот долг ќе достигне ниво од 70,8 отсто од БДП.

–  Предлог Буџетот за 2025 година не е план за економски развој, туку план за комфор на елитата на власта, има повеќе пари за мебел и возила, а нема за граѓаните, за здравјето, за образованието, за стандардот. Наместо конкретни мерки за поддршка и финансиска помош за компаниите, имаме уште еден „лабораториски“ буџет без амбиција , а оваа власт продолжува да чекори во погрешен економски правец, рече пратеникот СДСМ, Фатмир Битиќи на расправата за буџетот.

Тој уште еднаш повтори дека ова не е буџет за граѓаните, ова е буџет за комфорната зона на партиската бирократија! И не се застанува овде. Кога ќе видиме колку се планира да се потроши за нови возила, јасно е дека фокусот на Владата е удобноста на нејзините функционери.

Битиќи потенцираше дека доколку овој предлог-буџет ја добие поддршката од мнозинството пратеници, тогаш тоа е одлука со која земјата ќе се запечати како единствена од регионот која е фискално неконсолидирана со дефицит над 3% од БДП. Оваа Влада нема намера за финансиска консолидација, па место тоа, го затвора фискалниот простор.

Ден претходно, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека фискалната политика што ја предлага власта во буџетот ќе ја уништи финансиската стабилност на земјата. Во Предлог-буџетот, според Филипче, има проектирано нереални високи стапки за економскиот раст кои не се ништо друго освен изговор за планираната зголемена буџетска дупка и нови задолжувања. Според лидерот на СДСМ, од ветувањата на Владата, нема ништо. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пак вели дека предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Очекувањата се дека позитивните макроекономски движења ќе продолжат и во 2025 година и економскиот раст ќе забрза на 3,7 проценти како резултат на позначителниот раст на инвестициите, солидното зголемување на потрошувачката и закрепнувањето на надворешната побарувачка.

Според Деловникот комисиската расправа треба да трае 10 дена, по што како Дополнет предлог се испраќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

ИЗДВОЕНИ