Екс-вицепремиерот и директорот на Лотарија се бараат со потерница!
Сликата на поранешниот вицепремиер, осомничен за криминали во Државната лотарија, Артан Груби, се најде на интернет-страницата на МВР во делот потраги, веднаш под него е објавена и фотографија од екс-директорот на лотаријата, Прпарим Бајрами, првоосомничен во истрагата за незаконската набавка на апарати за коцкање, и за двајцата е распишана меѓународна потерница што значи дека косовските власти доколку ги затечат треба да ги приведат по што треба да одлучат дали да и ги вратат на земјава. Потерницата е распишана откако Кривичниот суд во Скопје им одреди притвор во траење од 30 дена, на барање на јавното обвинителство. Во меѓувреме, нема информации каде се наоѓаат бегалците, високиот функционер на ДУИ даде ветување пред јавноста дека ќе се врати, а од опозициската СДСМ тврдат дека „свиркачи“ им кажале оти полицијата знаела за бегството и три дена претходно имало полициска контрола пред граничниот премин „Блаце“.
„Но, според нашите информации, полициската контрола, мобилната единица на МВР, не знаела кого треба да очекува или кого треба да стопира. Тие добиле информација дури откако Груби ја напуштил државата. Ова јасно потврдува две можни сценарија – или биле целосно неспособни да го спречат или, пак, второ и поверојатно, намерно не го спречиле. Дали Тошковски ќе каже искрено која е причината што Груби дента кога требало да се обелодени истрагата слободно ја напушта земјата, а акцијата на МВР за негово спречување е нарушена?“, прашуваат од СДСМ и ја поставија дилемата дали можеби ова е сценарио зад кое се крие политички договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, го повика својот сопартиец да се врати и да докаже ако е невин.
„Јавно го повикувам Артан Груби во име на партијата но и од мое име да се појави пред органите на правдата за да се соочи. Тоа е поврзано со случајот со Лотарија. Како и секој граѓанин, носител на јавна функција која му била дадена, нека дојде, и дали е чист или направил прекршување на законот, ќе утврдат уставно-правните тела. Посакувам исто така да се соочат и другите“, изјави Беџети за ТВ21.
Владејачката партија, пак, ја повикува опозицијата да го осуди бегството на Груби.
„Срамно е како Груби се обидува да се пазари со судот дали да оди во притвор или не. И покрај тоа што е свесен за криминалите кои ги направил, и покрај тоа што е препознаен меѓународно како корумпиран и криминалец, тој сепак сака да се пазари со правдата, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Високиот функционер на ДУИ, Артан Груби, според полицијата излегол од државата и влегол на косовска територија како совозач во дипломатското возило на познат бизнисмен кој уживал статус на почесен конзул на Косово во Македонија. Полицијата за ВЕЧЕР потврди дека бизнисменот Арсим Папранику бил на полициски разговор поврзан со бегството на Груби во станицата во Карпош.
Кекеновски: Одговорност за конзулот со чие возило осомничениот избега
Професорот по уставно право Јове Кекеновски за весникот ВЕЧЕР вели дека почесен конзул нема право да им овозможува на осомничени лица да избегаат од државата и оти треба да биде повикан на одговорност.
,,Без разлика дали бизнисменот, почесен конзул, знаел или не знаел дека на Груби му е забранет излез од државата, без разлика дали бил свесен или несвесен за постапката која ја презел тој мора да биде повикан на одговорност пред органите на државата како соучесник кој помогнал, односно овозможил бегство на бивш функционер за кого во тој момент судот одлучувал за одредување мерка притвор и траела полициската акција. Виенската конвенција за конзуларни односи не дозволува вакви активности на почесен конзул. За ова, надлежен орган мора да поведе постапка за кривична одговорност на конзулот, објаснува професорот Кекеновски и додава дека Македонија како држава домаќин треба да одлучи дали тој и понатаму треба да биде почесен конзул.
Претходно и националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров за весникот ВЕЧЕР објасни дека полицијата има право да проверува дипломатско возило доколку има основано сомнение за тоа и оти при прегледот треба да биде присутно лице од надлежното дипломатско претставништво. Но, до тоа воопшто не дошло бидејќи полицискиот службеник намерно или ненамерно го пропуштил Груби, иако тој веќе бил на „стоп листата“ на осомничени.
Обвинителството ќе спроведе и финансиска истрага
Кривичното дело за кое се осомничени двајцата бегалци според законот е казниво со затвор, преку злоупотреба на јавната набавка во Лотарија го оштетиле буџетот за повеќе од 8 милиони евра. Обвинителството во текот на истражната постапка ќе спроведе и финансиска истрага, за евентуални мерки за замрзнување на имотот на Груби и Бајрами ОЈО ќе предложи тогаш кога ќе имало законски основи, а конечната одлука ја носел судот, објаснуваат за весникот ВЕЧЕР од обвинителството.
Екс-премиерот Димитар Ковачевски вели дека работел во согласност со законот
Поранешниот премиер, а сега пратеник во Собранието, Димитар Ковачевски, за медиумите изјави дека во целото негово работење како премиер работел во согласност со законите. Изјавата на Ковачевски е по поднесената кривична пријава на МВР против осум лица, вклучително и против него, за „злоупотреба на службената положба и овластување“, а поврзана со наводите за криминал во Државната лотарија.
– Се надевам дека институциите целиот тој процес ќе го водат на непристрасен и на професионален начин, така како што треба. Она што можам да го кажам е дека во текот на моето работење и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии сум се водел секогаш од законите, секогаш сум работел во согласно со нив. Ние немаме на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост, изјави Ковачевски во Собранието.
Полицијата му поднесе кривична пријава на Ковачевски за злоупотреба на службената должност бидејќи на владина седница се донела одлука да ѝ се даде правото на Лотарија да приредува игри на среќа без лиценца. (П.А)
Васко Ковачевски сè уште недостапен за истражните органи
Претходно, во друга истрага позната во јавноста под името „Адитив“, која беше спроведена минатата недела со сомнежи за криминал во РЕК, се објави дека поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, осомничен за несовесно работење во службата, не е во државата и е недостапен за истражните органи. Од обвинителството за организиран криминал и корупција за ВЕЧЕР велат дека имаат сознанија оти тој ја напуштил државата неколку недели пред полициската акција. „Согласно одредбите на ЗКП, откако судот ќе го извести обвинителството дека лицето е недостапно, јавниот обвинител ќе донесе наредба за издавање на меѓународна потерница, која ја распишува МВР, објаснуваат од ОЈОГОКК. Во акцијата беа опфатени 23 лица за кои има докази дека направиле криминал од околу 6,5 милиони евра. Судот на барање на обвинителството го замрзна имотот на 5 од уапсените без детали на што конкретно им е привремено одземено правото на располагање. Според истрагата осомничените допрва треба да даваат изјави пред обвинителите и засега нема иницијативи за спогодување и признавање на вина. Обвинителството не ја исклучува можноста тоа да се случи во иднина. (П.А)