Се окрупнува ли владејачкото мнозинство по изјавата на претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, дека ја поддржува идејата на владејачкото мнозинство за одложени уставни измени и предлага таа да прерасне во државна позиција? Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е добредојдена секоја поддршка за владините политики од секој пратеник во рамките на гласањето во Парламентот, но нагласи дека владината коалиција е стабилна и цврста.
– Речиси официјално имаме 2/3 мнозинство во Парламентот. Секој што ги поддржува и споделува политиката на Владата може да се приклучи. Дали официјално би биле дел од владејачката коалиција, сè уште не сум разговарал во рамките на партијата и коалицијата. Тоа е процес што треба да добие поддршка од сите политички чинители – не е битно само Мицкоски што ќе каже – вели премиерот.
Зајкова, во ТВ-интервју, истакна дека планот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за одложени уставни измени може да се реализира, бидејќи, како што вели, не постојат датуми во преговарачката рамка што обврзуваат за тие да стапат во сила веднаш. Зајкова смета дека постапката за уставни измени може да почне и сега, но таа би се завршила и измените би стапиле во сила со потпишувањето на пристапниот договор со ЕУ.
– Постојано зборував дека треба да најдеме начин како да ги спроведеме заклучоците што ги усвоил Европскиот совет во врска со проширувањето на Македонија и на Албанија. Оттука пак се враќаме на она да треба да ги спроведеме уставните измени, меѓутоа во уставниот закон, кој е последната или третата фаза, имаме можност да го вградиме тоа одложено дејство – рече Зајкова.
Додаде дека во секој закон може да се стави на крајот преодна одредба кога би стапил тој во сила.
– Позициите на ЛДП се дека во последните заклучоци ништо не нè спречува да ги спроведеме уставните измени, односно да ја почнеме постапката за донесување на уставните измени за да стигнеме до таа последна фаза за уставниот закон, каде што самите предвидуваме кога би стапиле тие на сила. Точката 4 се однесува на тоа дека Македонија треба да ги спроведе уставните измени, точката 6 е дека ќе се одржи втората меѓувладина конференција без политичка одлука откако ќе го завршиме процесот на уставни измени, согласно со домашната процедура. Тоа остава можност за пошироко толкување, кое што нè води до она одложено дејство за кое зборуваме и дека тука, ако тоа ни се позициите, треба да изградиме, сите заедно, една државна позиција дека да, еве ние сме ја завршиле нашата обврска, меѓутоа истите ќе стапат на сила откако сите земји членки, вклучително и Бугарија, ќе гласаат за – појасни Зајкова.
Прифатениот предлог на ЛДП за уставни измени со одложено дејство, кое го промовира владејачкото мнозинство, беше повод за медиумите да објават дека ЛДП ќе излезе од коалицијата со СДСМ, информација што Зајкова ја демантираше. Таа ги отфрла информациите дека ќе премине кон мнозинството во Собранието, засега ќе дејствува независно. Инаку, на последните парламентарни избори, годинава, ЛДП беше на заеднички листи со сега опозицискиот СДСМ.