Захиде одела кон капијата на ТУСАС  да земе цвеќе што ѝ го пратил сопругот кога ја покосиле терористите

Пет жртви и 22 ранети во нападот на турската фабрика за авиони во Анкара

351

Захиде Гуцлу, машински инженер во ТУСАС, во средата попладне тргнала кон влезот на фабриката за да подигне цвеќе што ѝ го испратил сопругот. Тоа биле нејзините последни мигови во животот, пред терористите да ѝ го одземат.

Таа е една од петте жртви на двајцата терористи, еден маж и една жена, кои активираа експлозив и пукаа во турската фабрика за авиони, лоцирана близу Анкара. Четирите загинати биле вработени во фабриката, а еден е таксист, кој терористите го убиле, му го ставиле телото во багажникот, а потоа со неговото такси се довезле до фабриката. Во различни болници се згрижени 22 повредени, од кои едно лице во текот на вчерашниот ден сè уште беше во тешка состојба. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја информира дека седуммина од повредените се припадници на одредот за специјални операции на турската полиција. Двајцата терористи се убиени во акцијата на турската полиција, а еден од нив е идентификуван.

-Идентификуван е маж терорист, кој вчера е неутрализиран во предавничкиот терористички напад на ТУСАС, рече тој за агенцијата „Анадолу“.

Истакна дека се работи за Али Орек, со кодно име “Ројгер”.

-Тој е член на терористичката организација ПКК. Работиме на идентификација на жената терористка. Ниту еден терористички напад не може да не поколеба, рече Јерликаја.

Работничката партија на Курдистан – ПКК ниту вчера, ден по нападот не ја презема одговорноста, но министерот за внатрешни работи е сигурен дека таа стои зад него. Како одговор, како што информира турското Министерство за одбрана, вчера рано изутрина Турција со ракети погоди локации поврзани со ПКК  во северен Ирак, и северна Сирија.

-Изведена е воздушна операција против терористички цели на северот на Ирак и Сирија, соопшти министерството и додаде дека операциите продолжуваат.

ПКК је забранета терористичка организација у Турција, САД и Велика Британија, а против турската држава се бори од 1980-тите, барајќи поголеми права за значителното курдско малцинство во таа земја.

Кога се случи нападот турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше во Русија на самиот на БРИКС. Тој за време на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин, во телевизиско обраќање, го осуди нападот.

– Терористите ќе ја платат цената за таргетирање на нашиот народ, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, адмирал Зеки Актурк и рече дека турските вооружени сили ги спроведуваат операциите брзо и непредвидливо, според барањата на теренот.

Според него во последната недела неутрализирани се 41 терорист, од кои 14 во операциите спроведени на 18, 19, 20 и 21 октомври во регионите Хакурк и Гара. Од 1 јануари до денес неутрализирани се вкупно 2.235 терористи, од кои 1.171 во Ирак и 1.064 во Сирија, појасни Актурк

Инаку, фабриката ТУСАС, која беше нападната, е најголемиот турски производител на авиони и хеликоптери, вклучувајќи го и првиот турски борбен авион КААН, како и на делови за дронови. Нејзини сопственици се Владата и Фондацијата на турските вооружени сили, а во неа се вработени над 10.000 луѓе.

Во врска со нападот вчера немаше многу детали, зашто турските власти им наложија на медиумите да не ги изнесуваат и предупредија дека сите фотографии и снимки во врска со него ќе бидат отстранети од социјалните мрежи.