Захариева: Нема зошто да прифатиме 7 октомври за заедничко чествување на Гоце Делчев

237

 

Вицепремиерката и министер за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева по средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во Софија, изјави дека пред два дена имаше состанок на историската комисија со Македонија на која не беше постигната согласност околу личноста на Гоце Делчев.

-Нема зошто датумот 7 октомври да биде прифатен за заедничко чествување. Заедничка цел е и желба на двете влади е до крајот на годината оваа историска комисија да постигне поголем напредок.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров посочил дека ликот и делото на Гоце Делчев требало да биде мост кој ги поврзува разликите за Делчев од минатото со она што го имаат двете земји сега.

-Сакам да апелирам на мудрост. Кога има блискост и пријателство, не треба да се поставуваат ултиматуми, изјавил Димитров прашан да ја коментира вчерашната изјава на вицепремиерот и министер за одбрана Кракачанов, дека ако Македонија продолжи со извртување на историјата, Бугарија да не ја поддржи за членство во НАТО.

Лидерот на ВМРО и бугарски вицепремиер, Красимир Каракачанов, ја критикуваше меѓусекторската комисија  која треба да ги расчисти историските и образовните прашања меѓу Македонија и Бугарија .

Според Каракачанов, македонските политичари сугерирале комисијата да се обедини околу одлуката дека Гоце Делчев е деец на македонското ослободително дело, кој бил почитуван и од народот на Бугарија, пренесува бугарски „Дневник“.

Каракачанов вели дека како датум за заедничка прослава се предлага  седми октомври, денот кога коските на Гоце Делчев биле предадени од страна на комунистичките власти во софија на Скопје.

Двајцата копретседатели на комисијата, проф. Драги Георгиев и проф. Ангел Димитров, на 7 јуни објавија дека има „одредени места” во историјата на Гоце Делчев, за кои се согласуваат, но и такви за кои не се согласуваат. Темата ќе се дискутира на состанокот на комисијата во Софија во септември.