Зафир Хаџиманов: Ми недостасуваат време и сила да објавам сè што создадов

389

„На 76-годишна возраст, имам три големи успеси – една награда, една реиздание на мојот најдобар албум и една книга. Дали е тоа малку?” – вели македонскиот пејач, актер и композитор Зафир Хаџиманов кој долги години живее и работи во Белград. Тој во неодамнешното интервју за магазинот Блиц, посочува дека не му недостасуваат награди, (последната е Гоцевата мисла за целокупниот ангажман и придонес во однос на афирмирање на македонската култура и литература во светот), туку време и сила да може да објави сè што составил и напишал. Неговиот албум „Македонија пее“ доживеа резидание, а Хаџиманов посакува да се направи и необичен игран филм, според неговото сценарио „Силјан“, кое ќе биде преточено во стрип книга…

Познатиот македонски пејач, актер и композитор Зафир Хаџиманов (76), кој долги години живее и работи во Белград, Србија е годинешниот добитник на наградата „Гоцева мисла“, што ја доделува македонската „Фондација презент“ за целокупниот ангажман и придонес во однос на афирмирање на македонската култура и литература во светот. За Хаџиманов ова е уште една награда во широката палета на признанија добиени во неговата богата повеќедецениска уметничка кариера.

„’Гоцева мисла’ е меѓународна награда и затоа е особено драга за мене. Наградите ме сакаат. Имав премногу од нив во сите категории во кои се натпреварував. И во музиката, во глумата, и со пишувањето… Не ми недостасуваат награди, туку време и сила да можам да објавам сè што составив и напишав. Да ја цитирам Десанка Максимовиќ: ‘Немам повеќе време!’“, вели меѓудругото Зафир Хаџиманов во интервјуто за српскиот магазин Блиц, во кое зборува за своите проекти, но и за желбите и плановите. Пред извесно време, дискографската куќа Југотон (Croatia records) го реиздаде албумот на Зафир „Македонија пее“. Тој тогаш изјави дека тоа е највредното нешто што го изнедрил.

И ова реиздание беше предизвикано од споменатата награда „Гоцева мисла“.

-Уредничката на поранешниот „Југотон“ за Србија, Наталија Цајиќ, и порано ја најави нашата соработка, затоа што мојот стар албум „Македонија пее“ и го привлече вниманието. Наградата беше само иницијална каписла. Да, снимив и објавив многу плочи и сингл и ЛП, но, како што обично се случува, на бурното море на дискографијата, сè уште пловат албумите „Беше мај“, „Мерак песни“, „Јас и мојата Сенка“, Песните на Васил (таткото), пее Зафир (синот) и оваа наша “Македонија пее“ – набројува уметникот и додава: „Главно сум ангажиран и со пеење и со авторско дело на сите овие проекти, но ова ново реиздание ме прави особено среќен затоа што компонирањето и пеењето на вистински врвна поезија е огромен предизвик. Јас го прифатив и ми се чини го позлатив. И во оваа пригода, благодарам на прекрасниот маестро – аранжер Славе Димитров. Албумот со стихови на десетте најголеми поети на Македонија не само што е убаво, туку е и лековито да се има во својот дом. Тоа е како да ја внесете вашата татковина во вашето семејство“.

Како еден сестран уметник тој неодамна ја објавил и книгата „Силјан“.

„Тоа е интересна приказна. Еден ценет филмаџија, мој пријател, ми подари книга со македонската народна приказна ‘Силјан штркот’ и ми понуди да напишам сценарио за филмот, а тој да го реализира (1992 година е, војната само што не започнала). Ми се допадна, и кога сакам нешто, јас сум незапирлив. Седнав и го напишав сценариото, всушност тоа беше таа народна приказна, но раскажана на еден сосема неочекуван, научно-фантастичен начин. Филмските рецензенти го пофалија и – крај, нашата Југа се распадна. Нема пари, нема филм. Сценариото остана во фиоката на моето биро до неодамна, кога го прочита директорот на издавачката куќа ‘Феникс’, проф. Христо Петревски. Тој веднаш рече дека тоа е одлично за стрип, ако е скапо за филм, и дека ќе објават книга со мојот текст ‘Силјан’, а притоа и додаде со насмевка: ‘Можеби ќе нè повикаат од Холивуд.’ Елем, неверојатно, на 76-годишна возраст, имам три големи успеси – една награда, една реиздание на мојот најдобар албум и една книга. Дали е тоа малку?” – открива уметникот.

Сепак, Хаџиманов посакува да се направи необичен игран филм, според неговото сценарио. „Јас сум автор на сценариото и по дифолт верувам во него, но времето беше страшно. Се боревме како браќа, до коска и сè отиде во пекол. Па, три години го игравме мојот авторски мјузикл ‘Здраво будење’ во Драмски театар во Скопје и го тргнаа од репертоарот, затоа што и јас исто така бев една од важните актерски карики, а не беше сигурно дали ќе можам воопшто да допатувам од Белград на претстава. Ужасно. Не знам што е полошо, постојани војни низ целиот свет или оваа проклета корона!“

Филмовите и ТВ-проектите во кои глуми Зафир често се репризираат. Тој открива на што обично мисли кога ќе ги гледа. „Сепак, бев млад и убав“ – вели уметникот низ смеа и открива колку му недостига театарската сцена.

„Болка болувам, на никого не кажувам. Се шегувам. Сепак, за време на мојата т.н. кариера, одиграв неколку улоги како вистински мајстор и на сцената и на филмот. Се повлекувам мирно“, додава Хаџиманов. Тој отсекогаш бил оптимист во најтешките времиња. Тоа е љубов која секогаш го придвижувала да оди понатаму, со насмевка на лицето. „Имав исклучителна среќа да сакам и да бидам сакан. Ако секое човечко суштество ја имаше таа среќа, тоа ќе беше рај на земјата. Но,…“

Исто така за Блиц открива и кога животот му бил најтежок и кога мислел дека ќе се откаже.

„Сега. Моето срце ме мами и лаже и краде и не можам да сторам ништо. Ах, староста треба итно да се укине со законот. Но, кај нас е тешко да се стигне и да се избегне фер закон“ – вели Зафир. Многумина веруваат дека уметноста многу се променила во последните неколку децении. Хаџиманов вели дека денес тој ја гледа уметноста околу нас како и секогаш.

„Сакам да гледам, доживувам и прифаќам сè што е надарено, духовно, искрено, ентузијастично, неостварливо, лудо храбро, ново или старо како и да е. Сè што е комерцијално, гнасно, преварантски послужено ми се гади“ – тврди тој за Блиц. На крајот, тој открива и кои се неговите планови за следниот период.

„Патување низ светот за 80 дена“ – вели Хаџиманов со насмевка.