Владата усвои Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на супстанците во воздухот при алармантно загадување на воздухот. Горенаведените мерки ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух и праговите на алармирање
Владата усвои Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на супстанциите во воздухот при алармантно загадување на воздухот. Согласно со тој план, се повикува сообраќајната полиција да спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на нивната техничка исправност за емисијата на испусните гасови.
*Се бара општините и Градот Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, да обезбедат посебни сообраќајни режими за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколните патишта, со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.
*Општините и Градот Скопје да воведат забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини како што се багери, булдожери и виљушкари во периодот од 7:30 до 18:00 часот. Оваа мерка е со цел да се намалат сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови. МВР е задолжено да изврши контрола на спроведувањето на оваа мерка.
*Од сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, како и од единиците на локалната самоуправа, се бара да ја намалат употребата на службените возила до 50 %.
*Министерството за економија и труд, во соработка со Министерството за здравство, ги задолжува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар.
*Сите правни субјекти (работодавци) се задолжени да го реорганизираат работното време за лицата што работат на отворено. Работните активности треба да се извршуваат во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Дополнително, работодавците се должни да обезбедат заштитни маски тип КН95 или најмалку ФФП2 за своите работници.
*Инсталациите што поседуваат А интегрирана еколошка дозвола се задолжени да го намалат капацитетот на производство. Притоа, треба да се внимава со ограничувањата да не се прекине или значително да се намали технолошкиот процес кој се одвива континуирано, или дејноста која би предизвикала значителна штета за правниот субјект или негативно влијание врз животната средина и јавните услуги. Исклучок од оваа мерка се инсталациите што произведуваат топлинска и електрична енергија.
*Државниот инспекторат за животна средина ќе започне со вршење вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Ќе се спроведат контролни мерења на емисиите во воздухот со акредитирани методи за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во дозволите.
*Државниот инспекторат за животна средина и овластените инспектори за животна средина се задолжени да започнат со вршење вонредни контроли на правните субјекти што поседуваат Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати, со цел да се осигури усогласеноста со еколошките стандарди.
*Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспекторати ќе започнат со вршење вонредни контроли на градилиштата, со цел да се утврди почитувањето на прописите за заштита на животната средина и намалување на емисиите на прашина и други загадувачи.
– Горенаведените мерки ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух и праговите на алармирање, роковите за постигнување на граничните вредности, маргините на толеранција за граничната вредност, целните вредности и долгорочните цели. Министерството за животна средина апелира до сите надлежни институции, органи, правни субјекти и граѓани за целосно почитување и имплементација на наведените мерки. Заедничката акција е неопходна за заштита на здравјето на граѓаните и за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата земја – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.