Засега нема зима за земјоделските култури

68

Досегашните минусни температури кои не се невообичаени за овој период од годината нема да предизвикаат штети врз земјоделските култури. Агрометеоролозите предупредуваат дека доколку ниските температури се задржат повеќе денови ќе има штети врз земјоделските култури

Засега нема зима за земјоделските култури, барем така сметаат агрометеоролозите. Според нив, досегашните минусни температури забележани во државата нема да предизвикаат штети врз земјоделските култури, а моменталните ниски температури не се невообичаени за овој период од годината. Овошките во овој период од зимата издржуваат до минус 28 степени, додека виновата лоза до минус 18 или минус 20 степени кои не се забележани досега во регионите каде што се најзастапени овие култури.

– Ниските температури од -18 степени се вообичаени за овој период од годината. Овошките во овој период од зимата издржуваат до минус 28 степени, додека виновата лоза до минус 18 или минус 20 степени. Она што е поважно е колку долго време овие ниски температури ќе се задржат, дали едно деноноќие или подолго време 5, 10 или 15 дена. Доколку ниските температури се задржат повеќе денови ќе има штети врз земјоделските култури, смета агрометеорологот Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеоролошки работи.

Според него, сегашните ниски температури нема да предизвикаат штети врз земјоделските култури, а уште повеќе и поради фактот што во наредните два дена се очекува влажен бран и нови врнежи од снег кога се очекува и зголемување на температурите.

Што се однесува до виновата лоза Ангелески вели дека лозарите се уште не ги кроеле лозите и доколку се случи понатамошен пад на температурите, евентуалните измрзнати ластари во наредниот период би се корегирале со самото кроење.

И во Битола каде вообичаено секогаш има најниски температури кој изнесуваат -20 степени и каде најголем дел од посевите се со житни култури нема сериозни закани за нивно измрзнување.

– Во Битола каде има и до 25 сантиметри снег која претставува заштита за житните култури и нема опасност за измрзнување, напротив тие под снегот можат и да изникнат, вели Ангелески.

И од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека ниските температури се вообичаени за овој период од годината и оти засега не треба да има загриженост за штети врз земјоделските култури. Отаму посочуваат дека заедно со УХМР ќе ја следат состојбата со ниските температури и нивното влијание врз земјоделските култури и доколку се случат евентуални штети навреме ќе се реагира со соодветни мерки.

Во наредниот  период, додаваат, се очекуваат ниски минимални температури во границите до минус 20 степени, што сепак не се невообичаени, а тука треба да се има и во предвид податокот дека во изминатите неколку дена имавме вакви или слични температури, што дополнително ги подготвија  овошките и виновата лоза за пониски минимални температури. Во однос на житните култури, снежната покривка изврши целосна заштита врз нив и нема да предизвика штети, бидејќи нивната издржливост во вакви зимски услови е поголема. (А.С.)