Засадени 400 садници дрва во чест на Калина и Александар

132

Десетина  волонтери, вљубеници во природата од Еколошката групација „Зелена сила“, деновиве, засадија 400 садници бреза, чемпрес, јавор, јасен и бел бор, донација од ЈП „Македонски шуми“, во спомен на планинарите Калина и Александар кои загинаа искачувајќи се на врвот Кајмакчалан.

Садниците се засадени на површина од илјада квадратни метри под врвот Клепа, кое е на 600 метри надморска висина на територијата на општина Градско.

– Годинава започнавме да ја формираме шумата посветена на нашите пријатели Калина Велеска и Александар Миновски, кои трагично ги загубија животите на 10 февруари 2018 година, при искачување на врвот Кајмакчалан. Една недела пред тоа со Калина бевме на искачување на Клепа и таа попатно засади една млада садница, токму на овој простор каде што сега засадивме нови 400 и ги полеавме со два тони вода. Нејзината садница е во средина. Оваа шума нека биде вечен помен за нашите другари кои ќе останат бесмртни. Шумата секоја година на традиционалното искачување на Клепа ќе станува сè поголема, со засадување нови садници – рече Игор Смилев еден од иницијаторите од ЕГ „Зелена сила“. 

Просторот е заграден со еластична ограда, за превентива за зачувување на младите садници. В недела е предвидено искачување на врвот Клепа (1.150 м), поставување на клепало, по кое врвот го добил името во турско. Меѓу учесниците се најавени и гости од четири друштва до Србија, од Параќин, Јагодина и Ќуприја.