Засадени 1.500 дрвја и садници во новата скопска Ботаничка градина

60

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан, денеска учествуваа во голема заедничка акција за садење на 1.500 дрвја и садници во новата Ботаничка градина во Скопје, која се простира на површина од 12.600 квадратни метри. Оваа акција за садење поддржана од УНДП е од огромно значење за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух и справување со климатските примени, во рамки на заедничките заложби за заштита на животната средина во Скопје.

– Новата Ботаничка градина, која пред две години беше празен и неуреден простор, сега е новоуредена зелена површина за одмор и рекреација на посетителите. Заедничката акција и поддршката од УНДП за садење на нови 1.500 дрвја и садници, е во согласност со заедничките приоритети за заштита на животната средина. Сакам да изразам голема благодарност до УНДП за нивната континуирана поддршка и напори со заедничка реализација на проекти во интерес на граѓаните, со цел зголемување на квалитетот на живот, како и заштита и унапредување на животната средина – истакна Арсовска.

Уредувањето на Ботаничката градина е дел од низата проекти од програмата „За Модерно Скопје“ за подигнување на нови зелени површини во градот. Досега се реализираа три нови мега паркови, а почна реализација на нови мега-паркови во општина Карпош и Кисела Вода, со цел унапредување на животната средина.

Во новата ботаничка градина се засадуваат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови растенија донесени однадвор. Се садат воедно и ендемични растенија кои се специфични само за Македонија.