Заработува 100 мил. евра по сезона, а на паузата го чистеше теренот

70

АЛ-ИТИХАД на домашен терен го победи Ал-Ахли со 1:0 во деветтото коло од саудискиот шампионат. Стрелец на единствениот гол беше Салех Ал Шехри во 42. минута, но вниманието на јавноста не го привлече тој потег кој го реши победникот, туку тој на францускиот играч за врска Н’Голо Канте.

Навивачите на домашната екипа го прекрија теренот со жолто-црни знамиња, кои Канте ги собираше додека соиграчите и противниците ја искористија паузата за да се напијат вода и на тој начин да се освежат за продолжението од натпреварот. Французинот, кој е висок 168-сантиметри, е познат како одличен дефанзивен играч за врска и кој сосема заслужено заработи пофалби од фудбалските фанови на социјалните мрежи.

„Требаше да ја освои Златната топка“, „За кој клуб и да игра Канте, не можете а да не го сакате“, „Канте има се што треба да има еден маж и еден фудбалер“, „Требаше да остане во Челзи“ , „Нема хејтери“, „Канте е толку скромен“, „Сите го сакаат Канте. ФИФА треба да додели награда по него“ и „Ова е толку слатко“ се само дел од коментарите на објавата на англискиот новинар Бен Џејкобс, кој сподели видео од Канте како ги собира знамињата.

Во 2018 година, Канте го освои светскиот шампионат со Франција. Во кариерата настапуваше за Суренес, Булоњ, Каен, а во Челзи пристигна во 2016 година од сензационалниот англиски шампион Лестер Сити. Трансферот беше вреден 35,8 милиони евра, а во лондонскиот клуб остана седум години и за тоа време одигра 269 натпревари и освои пет трофеи.

Канте замина во Ал-Итихад како слободен играч откако му истече договорот со Челзи. Во саудискиот клуб заработува 100 милиони евра по сезона, но фудбалските следбеници се уште го паметат по неговата скромност, поради што го нарекуваат „најскромниот фудбалер на светот“.