Откако обвинителката Ивана Трајчева, денеска, побара притвор за дел од обвинетите во предметот „Софтвери“, меѓу кои и за Даниел Станчев, за кого како околност наведе дека тој немал имот и немал оформено семејство, Станчев зеде збор да ги образложи неговите аргументи против предлогот за изрекување на притворот.
Кога заврши со образложението, Станчев се сврте кон обвинетата Ирена Ивановска и кажа дека е вљубен во неа. Потоа, клекна на колена и ја побара за жена.
Ивановска, на која со пресудата и беше изречена затворска казна од три години и шест месеци, видно изненадена рече ДА на брачната понуда од Станчев по што се прегрнаа и разменија бакнежи.
-Прекрасен момент за вас двајца, ви честитам, истакна судијката Фанка Јанчулева Михаиловска и даде пауза од половина час за да одлучи дали ќе определи притвор за четворицата од обвинетите за кои беше предложена мерката.