Започнува „најслаткиот“ фестивал во Македонија

219

Слаткото од смокви и чаша вода од памтивека претставувало добредојде во секој гевгелиски дом. Така било некогаш така е и денес.

Смоквата со години е познат бренд на Гевгелија. Нема гостин кој навратил Гевгелија а да не замине со торба полна смокви, било свежи, било преработени како слатко.

А, на почетокот на септември, еве веќе 15. година по ред, низ цела Гевгелија се разгоруваат огновите, се полнат тавите и низ воздухот се шири пријатниот мирис на смоквата. Доживување што можете да го имате само во Гевгелија во деновите додека се слави и почитува еден од најценетите специјалитети на регионот – слаткото од зрели смокви. Така ќе биде и оваа, 2021 година.

Здружението на граѓани „ТеРа“ годинава, од 6 до 8 септември,  ја организира јубилејната, 15. Смоквијада.

Приказната на оваа реномирана манифестација по која Гевгелија надалеку е позната, но и стана препознатлив бренд на градот, бележи повеќе од 200 учесници кои своите марифети во готвењето ги презентираа и промовираа пред гевгеличани. Музички ѕвезди меѓу кои: Хари Мата Хари, Даниел Кајмаковски, Викторија Лоба, Ламбе Алабаковски, Нино Величковски, Иван и Кико Раденови, „Зијан“, Оливера Станковска, Васил Ангов, фолклорни друштва од Грција, Хрватска, Бугарија, Србија и од регионот ја збогатуваа манифестацијата. За „Смоквијада“ информираа медиуми од земјава и од странство, но сепак во сите 15 години беше најважната цел: да се зготви најслаткото слатко од зрели смокви и да се зачува традицијата на предците.

Гевгеличани знаат да кажат дека понудата за слатко од смокви во Македонија е голема, но гевгелиското слатко од смокви, велат тие, е најдоброто. Тајната била во рецептот кој се чува со генерации, но сепак најважни биле смоквите кои во овој дел од државата имаат поинаков вкус поради самото поднебје и големиот број сончеви денови

Овогодишната „Смоквијада“ ќе се одржи на поинаков начин од сите други. Десет екипи, составени од по два учесника, во своите дворови ќе го готват слаткото од зрели смокви. Комисија, во која меѓу другите се и идејните творци на оваа манифестација: Ратка Гавровска, Ани Костадинова, Тони Аврамов и Крунислав Прошев  ќе ги посетува екипите и ќе го следи процесот на подготовка на слаткото. За да се следат сите екипи, варењето ќе се одвива два дена, односно в понеделник и во вторник во попладневните часови, а на Денот на независноста на татковината, 8 Септември, ќе биде прогласено најдоброто слатко на платото пред Народниот театар во Гевгелија пред малубројна публика со цел почитување на протоколите за заштита од ковид-19.

(Љ.А.)