Замрзнувањето на цените нема никаков ефект врз животниот стандард, а мерките на Владата се популистички и немаат врска со реалноста. За еден месец, вкупните трошоци за храна и за пијалаци се намалени за помалку од 100 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија. Експертите коментираат дека замрзнувањето на цените на овошјето и на зеленчукот е целосно промашување. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека мерките на Владата не им го олесниле животот на граѓаните, а замрзнатите цени не ја намалиле сиромаштијата.
– Нашите пресметки покажуваат дека со една минимална и една просечна плата во четиричлено семејно домаќинство, не се преживува. Дополнително, удар врз џебот на граѓаните се инфлацијата и енормното зголемување на цените на мало, каде што сè повеќе се стравува дека состојбата може да биде и полоша. Последните владини мерки со замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти не вроди со плод, бидејќи за еден месец, вкупните трошоци за храна и за пијалаци не беа намалени за повеќе од 100 денари. Државата мора повеќе да ги намали трошоците доколку сака да се зголеми животниот стандард на граѓаните со истите плати што ги земаат во моментов, но при тоа да ги врати цените, а не да ги замрзне на скоро највисоката вредност што ја достигнаа – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Мерката за замрзнување на цените на зеленчукот и на овошјето се покажа како целосно неуспешна, оценува Павле Гацов, даночен експерт, економист и поранешен владин советник во објава на својата страница на Фејсбук.
Тој предлага неколку мерки што Владата треба да ги спроведе за, како што вели, државата да си го спаси образот и да ги избегне празните рафтови и цените, кои никој не ги почитува.
– Укинување на мерката и влегување во неколкудневни контроли кај сите непочитувачи, вклучувајќи и: контрола за сопствениците и нивните роднини – од имотот дома и во странство до нивните автомобили и оние на роднините; приходи по сите основи; сите резерви да се линкуваат со увозните декларации, наназад пет години споредено со ценовниците на добавувачите од странство преку соработка со тамошните даночни органи; издавање фискални сметки, годишни сметки и даночни биланси, годишни даночни пријави, дали трошеле бенефицирана струја… Потоа инсистирање на целосно спроведување на мерката. Преземање ригорозна и робусна акција за спроведување на мерката, што ќе биде запаметена од сите учесници како показна вежба за непочитувачите. Одмолчување. По празниците и по 1 Мај, и така зеленчукот и овошјето ќе поевтинат. Мерката била погрешна и непотребна. Panta rei…. – пишува Гацов.
Според него, факт е дека низ маркетите, „замрзнати“ зеленчук и овошје нема. Не се почитува одредбата за задолжителна набавка на 70 % од набавките во март 2023 година. Во помалите дуќани се нудат домати и краставици под рака само за редовните муштерии, по повисоки цени и без фискална… Наводно, биле набавени многу поскапо, не можеле да се продаваат со фискална, а не биле и примени на резерва… На зелените пазари, пак, друга приказна. Цените на овие зеленчук и овошје отидоа во „вселената“ и се многу повисоки од замрзнатите цени.
Од опозицијата сметаат дека замрзнувањето на цените нема ама баш никаков ефект во целост. Инфлацијата во март е 14,7 отсто, која е една од највисоките во регионот. Има ли поголем показател од ова дека ништо не се променило во март?
– Долгонајавуваните мерки што требаше да им го олеснат животот на граѓаните, немаат никаков ефект. Замрзнувањето на цените, кои толку гордо ги најавуваше и ги промовираше целата Влада шетајќи се по маркетите додека народот нема средства да преживее, немаат ама баш никаков ефект во целост. Минималната потрошувачка кошничка во март, за едно семејство, изнесувала 50.070 денари, од кои 19.263 за храна, 13.417 за режиски трошоци и сметки и за превоз и хигиена – 6.865. И ова е далеку над заработката на едно просечно македонско семејство, каде што работат двајцата родители за да може да преживеат со своите деца. Во овие 50.070 денари не се вметнати кредитите кои ги имаат семејствата и кои воедно ги отплаќаат, потребите на децата доколку се на училиште или на факултет, како и останатите непланирани трошоци што се појавуваат во секое семејство – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Очигледно е дека мерките на Владата се популистички и граѓаните се свесни дека немаат никаков ефект и дека немаат врска со реалноста.
(А.С.)