Македонската влада донесе Одлука за воведување на финансиски мерки против тероризам и ширење (распространување) на оружје за масовно уништување и нивно финансирање кон 15 македонски државјани за кои постојат основани сомевања дека се, односно биле вклучени, во активности на тероризам и негово финансирање, односно преку учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски единици. Одлуката е објавена на веб сајтот на Управата за финансиско разузнавање и во Службен весник со потпис на вицепремиерот Артан Груби.
Со владината одлуката со која се воведуваат финансиките санкции, се објавени и имињата на лицата на 15-те македонски државјани кои биле дел од паравоената формации на Исламската држава (ИСИС) на фронтовите во Сирија. Станува збор за лица по потекло од Скопје, Гостивар, Куманово и Струга од кои најголемиот дел од нив се помлади од 30 години и заминале од земјава во 2014 и 2015 година како припадници на ИСИС да се борат во Сирија. Некои од лицата од листата биле кривично гонети за обезбедување пари за оние кои биле на боиштата во Сирија, другите поттикнувале луѓе за да заминат за Сирија, додека пак дел од лицата покрај учество во паравоени формации, поттикнувале други луѓе преку социјалните мрежи со објавување на документарен филм „Честа е во џихадот, порака до Балканците“ да се приклучат во паравоените формации на боиштата.
-Согласно член 2 од одлуката, рестриктивните мерки коишто се воведуваат кон посочените лица преставуаат финансиски мерки, а согласно член 5 став (1) точка 4 од Законот за рестриктивни мерки се однесуваат на забрана за користење, пренос, конверзија, трансфер или друг вид на располагање со имот, забрана на ставање на располагање на било каков имот, директно или индиректно, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос. Врз основа на горе изнесеното, субјектите согласно член 5 од Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам , како субјекти коишто задолжително применуваат рестиктивни мерки согласно Законот за рестриктивни мерки како и Катастарот на невиджности се должни да замрзнат било каков имот во било кој облик и средства со кој што располагаат лицата за кои се однесува одлуката, односно да го оневозможат располагање со таквиот имот или средства, односно да одбијат деловен однос или извршување на трансакција согласно член 2 од одлуката и при тоа да ја известат Управата за активностите коишто се спроведени – стои во владината одлука.
Иако учествотото на македонските државјани во странска војска, претставува кривично дело и се казнува со затворски согласно одредбите од кривичниот законик, актуелната војна во Украина го отвора прашањето дали и таму државјани од Република Македонија се учесници на фронтот.
Властите во Москва во август, објавија табела за, како што ги нарекуваат, странски платеници што се борат на страната на Украина. Меѓу земјите од кои во Украина доаѓаат „платеници“ е и Македонија. Според руското Министерство за одбрана, од почетокот на војната досега на украинска страна се бореле 79 македонски државјани од кои убиени се 26, вратени се 21, а активни на фронтот биле уште 32 лица од земјава. Од Министерството за надворешни работи тогаш соопштија дека „МНР не располага со релевантни информации поврзано со евентуалното учество на наши државјанини во војната во Украина, ниту загинати наши државјани во војна. Постојано и внимателно ја следи ситуацијата, преку амбасадата во Украина“
За лицата повратниците од странските боишта, македонската влада донесе „Национална стратегија за борба против тероризмот“ како и “Националниот план за реинтрегација, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и нивните семејства“, а во процесот на рехабилитација и ресоцијализација на овие лица во државава се приклучуваат и невладини организации. Се проценува дека од земјава досега на странските боишта заминале над 156 лица, а се вратиле 83. На дел од нив им се изречени затворски казни.