Замина Оливера Николова, авторката на „Зоки Поки“, со кој растеа и растат генерации

0
950

– Писател… Писатели… Знаеме ли што се очекува од нас? Го прифаќаме овој товар со занес, а што се бара од нас? Што треба да работиме? Дали да се слушаме само себеси? Дали да ги слушаме првенствено другите? А, најважното: дали би го прифатиле и тоа што ни се наметнува? Во име на овие брзи и површни размисли, во име на нашето колебање за кое секој писател го остри перото, ја поздравувам нашата сложност во предвидувањата што секогаш сме ги оспорувале, да го чуеме не само пискотот на разумот туку и нашата несигурност со која ја китиме кревкоста на упорното постоење. Она што го работиме никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, сè додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување – напиша во 2022 година по повод добивањето на наградата „Прозарт“, една од најзначајните и најплодни македонски писателки за деца и возрасни, Оливера Николова, која почина денеска на 88-годишна возраст.

Оливера Николова, раскажувачка, романсиерка и драмска писателка, е родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Има објавено 10 романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, како и многубројни театарски, телевизиски и радиоигри.

Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија. Член на Друштвото на писателите на Македонија била од 1963 година.

За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“, наградата „Прозарт“ за 2022 година, а беше одликувана во 2024 и со орден за заслуги, од поранешниот претседател, Стево Пендаровски.

Во 2018 година според нејзиниот текст „Земја во која не се стигнува“, со музика на Александар Џамбазов и режија на Виолета Џолева, во Театарот за деца и младинци беше поставен првиот македонски мјузикл за деца со истиот наслов.

„Арс Ламина“ објави десет тома со 12 книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова. Станува збор за насловите: „Куклите на Росица“, „Тесна врата“, „Куќичка“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Збогум Вано, Ванке…“, „Пешаци по црни полиња“, „Белиот чад“, како и „Вежби за Ибн Пајко“ во исто издание со „Песот со тажен поглед“ и „Лева комора“ во исто издание со „Кадифената покривка“.

Оливера Николова ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век.