Заменик-министерот за здравство фатен со мито, правел и сунети за бакшиш!

153

Заменик-министерот за здравство Асим Муса поднесе оставка откако екипа на албанската телевизија Топ Чанел ИН7 објави видео во популарната емисија „Фикс Фате“, во кое се гледа како прима поткуп од пациент од Албанија, за да му заврши работа за операција во болница во Струга. Од она што може да се види на снимката е дека Муса се пазари со пациентот, кој всушност бил новинар на албанската телевизија, барајќи му 1.000 евра, а потоа како аванс прима 50 евра. Во емисијата се вели дека заменик-министерот, меѓу другото, правел и сунети и дека тоа го правел за бакшиши. По состанокот во Институтот за нефрологија во Струга, Муса и „пациентот“ го одредуваат денот на операцијата.

Заменик-министерот, веднаш по скандалот објави дека се повлекува од функцијата и рече дека станува збор за стапица и медиумско дивеење со бомбастични наслови, негирајќи ја точноста на наводите на прилогот. Рече дека неговиот искрен обид за да им помогне на пациентите се претворил во непостоечки спектакл за медиумите, а се со цел да му се наштети неговата професионална фигура и професија.

-Ве известувам дека донесов одлука да се повлечам од функцијата заменик-министер за здравство, и да ја расчистам оваа импонирана дамка од стапица, против мене лично и мојата професија. Јас ќе продолжам и понатаму да им служам на граѓаните на нашата земја и пошироко. Тоа ќе го направам со искреност, скромност и посветеност, рече Муса, избегнувајќи ги прашањата на новинарите.

За скандалот, Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет, а во рамки на предистрагата со меѓународна помош ќе се бараат оргиналните снимки на кои се гледа како министерот зема 50 евра.

Министерот за здравство Венко Филипче ги осудува сите постапки во кои се зема мито, особено во ситуација како дадената каде што се зема пари за интервенција.

– Ги осудувам сите случки во кои се зема пари за интервенција. Тоа не е начин да се функционира во било кој систем, па и во нашиот здравствен систем. Секаде има санкции за таквите постапки. Се обидуваме со сите наши мерки да ги стимулираме лекарите, со зголемување на платите, на дежурствата и со таа тенденција и со тие политики ќе продолжиме и во иднина. Треба да имаме неселективен пристап без оглед на функциите кои ги имаме. Институциите треба да си преземат санкции доколку сметаат дека за тоа има простор за кого било, изјави Филипче.

Од ДУИ, партијата од чии редови доаѓа доктор Муса, ја поздравија оставката.

– Апсолутен и бескомпромисен приоритет на ДУИ  е неслективната правда, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и владеењето на правото. Затоа во името на партијата ја поздравувам одлуката на заменик- министерот за здравство Асим Муса да се повлече од својата позиција, изјави денеска пред Парламентот, секретарот на ДУИ, Артан Груби.

Партнерството со медиумите, како што рече, е најдобриот начин да го искорениме ова зло од нашето општество.

Одговарајќи на новинарско прашање дали му верува на заменик министерот за здравство дека е наместен и не е виновен, Груби рече дека тоа прашање веќе е апсолвирано.

– Со самото негово повлекување, и за нас и за институциите веќе е решен тој случај и се надевам дека тој самиот ќе успее да ја тргне таа дамка од својата кариера, со понатамошниот тек на неговите активности, рече Груби.

Интересно е што објавата на видеото од скандалозната постапка на Муса, кој е функционер од редовите на ДУИ доаѓа во период кога се кршат копјата околу прашањето дали Македонија ќе добие датум за почнување на пристапните преговори со ЕУ и уште поважно дали нашата земја ќе биде ставена во ист кош со Албанија при одлучувањето на европските лидери.

Не треба да се заборави дека во изминатиов период пораки дека двете земји треба да се разгледуваат во пакет кога се во прашање ЕУ-преговорите пристигаа од Албанија, Грција и уште неколку европски земји.

Видеото со Асим Муса само покажува дека пред да бара преговори со ЕУ, Македонија навистина треба најпрво да расчисти со корупцијата на сите нивоа наместо да мижи пред коруптивните однесувања на функционерите од власта, а пред се оние од ДУИ за кои засега по многуте јавни обвинувања за криминал и отворените истраги нема никаква судска завршница.

– Нашата држава заслужи датум за отпочнување преговори со ЕУ. Направивме се што можевме и се што побара Брисел од нас. Комесарот Јоханес Хан во неговите твитови рече дека Македонија има направено уште повеќе отколку што бараше Брисел и затоа ги има исполнето апсолутно сите услови за отпочнување на преговори. Јас се надевам дека лидерите на земјите членки на ЕУ ќе се надминат себеси и ќе донесат државничка, визионерска одлука за целиот регион на Западен Балкан, затоа што во прашање не е само нашата држава, туку е целиот регион и нашата евроатлантска перспектива. Се надевам дека заради нивните внатрешни политички, партиски калкулации нема да донесат погрешна одлука и да го остават Западен Балкан повторно во чекалната на ЕУ, изјави Груби.

Прашан дали тоа може да влијае на датумот за избори и оти веќе премиерот како датум го најави октомври 2020, Груби рече дека во политиката ништо не е предвидливо и додаде оти „ништо не може да се каже со сигурност дека ќе се случи утре“.

– Да почекаме. Се надевам дека сите ќе се радуваме на датум. Сите се радуваме на членството во НАТО, се надевам дека ќе заврши до  крајот на оваа година, најдоцна до март следната година поради околностите во Шпанија и во другите земји, но, сметам дека апсолутен приоритет засега треба да ни остане членството во НАТО и започнувањето преговори со ЕУ. Сè друго е од второстепено значење, нагласи Груби.