Не очекуваме негативно мислење за законот за правична и соодветна застапеност, тој е изработен од меѓународни експерти, изјави денеска министерот за здравство од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, кој веќе соопшти дека „Вреди“ подготвува нов закон, кој неделава ќе биде на јавна дебата. Одговарајќи на новинарско прашање со кое му беше предочено дека претходно го критикувал Законот за јазиците, бидејќи бил испратен до Венецијанската комисија, Таравари рече дека мислењето на Венецијанската комисија за законот за правична застапеност е добредојдено.
– Се радувам што сте сфатиле дека има закон за правична застапеност, бидејќи до пред три-четири дена се зборуваше дека нема таков закон, па дека премиерот не знае за тоа. Има готов закон, кој треба да го синхронизираме и да го координираме. Нема ништо лошо ако се бара дополнително мислење. Сметам дека е неспорно да помине овој закон во Собранието што поскоро и нема ништо лошо ако земаме второ мислење – рече Таравари и додаде дека очекува позитивен одговор од Венецијанската комисија, бидејќи, како што рече, законот е работен со меѓународни експерти, кои се кредибилни и почитувани во институциите од меѓународното право.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, пак, изјави дека досега не е пристигнато до Владата предлог-решение за правична застапеност откако Уставниот суд го укина балансерот. Митева вели дека е отворено прашањето, дека ќе се разговара во рамките на коалицијата и дека ќе се отвори широка дебата. Ставот на Владата е, пред да се донесе, законското решение да биде испратено до Венецијанската комисија.
– Во овој момент, нема такво решение што е проследено до Владата, ниту на владина седница и за него, веднаш штом се создаде можност, јавноста ќе биде информирана. Во однос на балансерот, кој е укинат, веќе го кажавме ставот дека тој ја заврши својата употребна вредност, така што целиме кон затворање на прашањата што се покажале во минатото како непродуктивни и кон создавање нови решенија, кои ќе значат навистина правична застапеност – рече Митева.
По укинувањето на балансерот, од коалицијата „Вреди“ најавија дека подготвуваат предлог законско решение. Таравари соопшти дека се подготвува законот и најави јавна дебата за оваа недела.
– „Вреди“ подготвува нов закон, кој, се надевам, идната недела ќе биде на јавна дебата. Ќе бидеме во координација со партнерите во коалицијата. Од сите страни е констатирано дека не функционирал балансерот како што треба – изјави Таравари.
Од Левица денеска обвинија дека балансерот ќе стане закон.
-Владата предводена од ДПМНЕ ЗНАМ и ВРЕДИ, преку Законот за правична застапеност се обидува да ја релативизира и заобиколи одлуката на Уставниот суд, и политиката на т.н. правична застапеност да ја продолжи и во иднина, но овој пат озаконета, рече Маја Никодиновска од Левица на прес-конференција.
Во меѓувреме, новиот закон за правична застапеност, кој е во подготовка, а треба да биде замена за укинатиот балансер, не ги одвраќа интегративците од протестите, кои ги најавуваат уште по формирањето на новата Влада, затоа што, како што велат, порано требало да се достави тој закон и не знаат што ќе има во него. Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, најави дека во неговата матична партија очекуваат да растат тензиите откако е укинат балансерот за етнички вработувања.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве обвини дека „ДУИ во опозиција ја демантира ДУИ на власт“. Мицкоски обелодени дека на владина седница минатата година, членови на ДУИ ја усвоиле стратегијата за реформа во јавната администрација, која, според него, јасно вели дека ќе има бришење на балансерот. (В.С.Н.)