Законот за нефер трговски практики ќе ги намали цените на производите најмалку за 10 проценти

20

Ефектите од намалувањето на цените на прехранбените и земјоделските производи ќе се видат до крајот на октомври или почетокот на ноември со спроведувањето на Законот за нефер трговски практики. Во меѓувреме се променуваат договорите меѓу производителите и добавувачите од една и трговците од друга страна, за ограничување на рабатот на 10 насто, што ќе ги намали цените на 2.547 земјоделски и прехранбени производи опфатени со Законот, изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија.

Викендов започна примената на Законот за нефер трговски практики, донесен во март годинава по европска директива, а првпат се спроведува во Македонија, и воопшто, во земја од Југоисточна Европа.

Со Законот за нефер трговски практики, рабатот ќе биде ограничен на 5 проценти и останатите трошоци, како што се маркетинг, рекламирање на производите, работниците ангажирани околу тие производи во маркетите, ќе биде ограничено на 5 проценти, или вкупно околу 10 проценти ограничувања. Ставовите се усогласени со стопанските комори. Спроведувањето на законот ќе го контролира Комисијата за заштита од конкуренција.

– Од понеделник ќе видиме како се усогласува Законот за нефер трговски практики, а првичните информации ќе ги имаме од Комисијата за заштита од конкуренција. Од она што како Министерство го имаме како информација е дека договорите меѓу производителите и добавувачите со трговците се променети за да се усогласат со Законот и процесот е во тек, до понеделник. Законската обврска беше до 28 септември, сите договори да бидат променети, освен оние кои имаат рокови и ќе траат додека е нивната важност. Потоа ќе се променат според новите правила и регулативи во Законот за нефер трговски практики, објаснува Ристески.

Според Ристески, видливи се ефектите и од мерките за есенската потрошувачка кошничка. Има намалувања од 6 до 12 проценти, а на терен е пазарната инспекција.

– Од она што го кажуваат пазарните инспектори и граѓаните, имаме намалување на цените на 73 производи по категории. Инаку бројката опфаќа 500 до 600 производи, опфатени со оваа есенска кошничка. Веќе намалувањата изнесуваат од 5 до 12 проценти, во зависност од производите и во зависност од големината на маржата што ја имале претходно, изјави Ристески.