Заев ќе ја „омекнува” фрау Меркел за датумот

Ако имаме топло–ладно од Меркел, се поставува прашањето што да очекуваме од францускиот претседател Емануел Макрон, кој недвосмислено се изјасни дека не е момент за проширување на Унијата. Според „Политико Европа“ Париз порачува дека одлуката за преговори со Македонија ќе се носи на „француско-германски начин”

172

Германската канцеларка Ангела Меркел потврдила дека ќе се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев. Заев вчера изјави дека веќе има потврден термин, но не прецизираше кога и каде би се одржала средбата.

-Мене ми е драго што е испратена порака за точен термин за состанок со канцеларката Меркел. Овој успех е и на канцеларката Меркел и на земјите членки на ЕУ, која беше лично тука за референдумот да охрабри и да даде политичка поддршка, но и економска. Колку и да се регионални аспекти причини за калкулирање со одлуките, оти ние сигурно не сме, тоа е потврдено. Петнаесет години чекаме, треба да се случи, изјави Заев денеска.

Средбата Заев-Меркел следува откако германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ објави дека германската канцеларка се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Македонија за приклучување во Унијата и ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во Европската Унија е можно да се донесе „најрано во октомври“.

Извесно е дека на најавената средба, македонскиот премиер ќе се обиде да ја убеди канцеларката Меркел да се заложи за датум за земјава или како што пишува францускиот весник Политико Европа, “Северна Македонија веќе го смени името. Сега се обидува да менува мислења”

Коментирајќи ја оваа информација, Заев рече дека за тие што се упатени, информацијата е стара и за ова прашање сè уште во тек се разговори на највисоко ниво, но и со пратеници. Премиерот посочи дека за нас се важни одлуките и информациите на Советот за општи прашања на ЕУ (ГАК) кој има состанок од 18 до 21 јуни, а потоа и на крајот на јули.

-Европскиот совет е тој што ја носи конечната одлука. Прво се навестува преку ГАК. Да не ги пропуштиме овие термини, рече Заев.

Тој уште еднаш повтори дека веќе најави враќање на мандатот доколку не добиеме датум за преговори и дека од тоа зависи дали ќе има избор на нова Влада или само реконструкција. Ако остане во план реконструкција на Владата, тогаш тоа може да се случи најдоцна до крајот на јуни. Сепак, премиерот најави дека на идната седница ќе има одредени промени на директорските места.

– Замислите за реконструкцијата беа поприлично завршени, но заради тоа што парламентарното мнозинство не е така спокојно после сите одлуки што ги донесе и не гарантира дека ќе се одржи. Затоа најавив и можно враќање на мандатот, тоа значи отворање на различни можности, прво дебата во кој правец продолжуваме и тоа во случај ако не се донесе одлуката ова лето. Ќе ги видиме и основите од разговорите со канцеларката Меркел, а ние сме во постојана комуникација со лидерите од сите земји, истакна Заев.

Заев рече дека министрите Димитров и Османи кои неделава беа во Франција, донеле позитивни одлуки оттаму, а одлуки се носат и во холандскиот парламент.

-Останатите земји се вклучени да помогнат. Најмногу Грција и Бугарија, но помагаат и сите други Хрватска, Словенија, Романија како претседавач, рече Заев.

Извесно е дека на најавената средба, македонскиот премиер ќе се обиде да ја убеди канцеларката Меркел да се заложи за датум за земјава или како што пишува францускиот весник Политико Европа, “Северна Македонија веќе го смени името. Сега се обидува да менува мислења”. Ако имаме топло–ладно од Меркел, се поставува прашањето што да очекуваме од францускиот претседател Емануел Макрон, кој недвосмислено се изјасни дека не е момент за проширување на Унијата. Повикувајќи се на дипломатски извори во Париз, „Политико Европа“ пишува дека Франција сѐ уште нема јасен став за тоа дали ќе одобри преговори со Македонија и Албанија, или само на една од двете, ниту кога. Според весникот, Париз порачал дека одлуката за преговори со Македонија ќе се носи на „француско-германски начин”, односно дека двете водечки земји во ЕУ ќе се обидат да изнајдат компромис по ова прашање во рамки на пошироки дискусии за Европската Унија.

Премиерот Заев од Брисел предупреди дека е можно да падне владата ако не падне датум и најави дека може се оди на предвремени парламентарни избори, доколку ЕУ одлучи да не ѝ додели датум за почеток на преговори на земјава, затоа што, како што рече, без датум за преговори, поддршката во Собранието е доведена под ризик. Токму поради ризикот да падне владата ако нема преговори со ЕУ, Заев чека и за реконструкцијата.