Заев чека „ја” од Германија, Меркел мудро молчи

Со оглед на тоа дека топката е префрлена во дворот на Берлин, многу е веројатно засега јунскиот министерски совет да заклучи дека ќе се наврати на прашањето за датумот со Албанија и Македонија во јули, со што воедно и ќе се притисне германскиот Парламент да донесе одлука до 23 јули кога треба да се одржи следниот министерски совет, овој пат под финско претседателство

239
epa07025193 A participant raises his fist next to large EU (L) and the Macedonian (R) flags, during the march for European Macedonia in the center of Skopje, the Former Yugoslav Republic of Macedonia, 16 September 2018. The march is in support of the referendum scheduled for 30 September following the Prespa name agreement between Greece and FYROM (Macedonia). EPA-EFE/NAKE BATEV

Иако Франција изминатиот период беше претставувана како најголем скептичар за проширувањето во оваа фаза, односно верна на ставот дека ЕУ прво треба да се реформира, па да се проширува, сепак, последните случувања го ставаат Берлин и германската канцеларка Ангела Меркел во фокусот. Сега сите очи се вперени во средбата што македонскиот премиер Зоран Заев ја најави со германската канцеларка оваа недела во Берлин, но за која не прецизираше повеќе детали.

Германската канцеларка Ангела Меркел минатиот месец од Хрватска го искажа својот став во однос на проширувањето на Европската Унија. Меркел вели дека Берлин „начелно ја поддржува“ европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но дека „притоа треба да се земе предвид дека критериумите мора да бидат исполнети“. Таа рече дека со тоа прашање ќе се позанимаваат. Но, германските медиуми, минатата недела пренесоа не толку оптимистички став на Меркел. Германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ објави дека германската канцеларка се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Македонија за приклучување во Унијата и ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во Европската Унија е можно да се донесе „најрано во октомври“.

Премиерот Заев гледа друга волја кај Меркел. Рече дека за упатените, информацијата за негативизмот на канцеларката е стара и за ова прашање сè уште во тек се разговори на највисоко ниво, но и со пратеници. Премиерот посочи дека за нас се важни одлуките и информациите на Советот за општи прашања на ЕУ (ГАК) кој има состанок од 18 до 21 јуни, а потоа и на крајот на јули.

Лани беше најавено дека долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите на земјава со Европската Унија ќе се случи овој јуни. Сега како најблага варијанта се споменува идниот месец, или најдоцна оваа есен.

Одлуката за Северна Македонија ќе се носи заедно со одлуката за Албанија, иако и македонските власти и странски дипломати предочуваа дека двете земји треба да добијат датум и бараа да се одлучува врз основа на заслуга, а не во пакет.

Со оглед на тоа дека топката е префрлена во дворот на Берлин, многу е веројатно засега јунскиот министерски совет да заклучи дека ќе се наврати на прашањето за датумот со Албанија и Македонија во јули, со што воедно и ќе се притисне германскиот Парламент да донесе одлука до 23 јули кога треба да се одржи следниот министерски совет, овој пат под финско претседателство.

Премиерот Заев во неколку наврати рече дека ако не добиеме датум, тој ќе го врати мандатот. Од тоа, вели Заев, зависи дали ќе има избор на нова влада или само реконструкција. Ако остане во план реконструкција на владата, тогаш тоа може да се случи најдоцна до крајот на јуни. Сепак, премиерот најави дека на идната седница ќе има одредени промени на директорските места.

Заев од Брисел предупреди и дека е можно да падне владата ако не падне датум и најави дека може се оди на предвремени парламентарни избори, доколку ЕУ одлучи да не ѝ додели датум за почеток на преговори на земјава, затоа што, како што рече, без датум за преговори, поддршката во Собранието е доведена под ризик. Токму поради ризикот да падне владата ако нема преговори со ЕУ, Заев чека и за реконструкцијата.