Заев типува на сигнал за ЕУ во декември, Рама вели Турција во ЕУ кога Македонија ќе претседава!

Декември е крајот на претседавањето на секоја земја, тогаш се одржуваат и состаноците. Таквите седници се на Општиот совет или Советот на министри и Советот на ЕУ и јас верувам дека можеме да се надеваме до крајот на оваа 2021 година, т.е. до крајот на декември да се донесе позитивна одлука секако во зависност од позитивниот развој на настаните, пред сѐ во Бугарија, истакна денеска Заев.

223

Мнозинството членки на ЕУ се согласни со македонското барање и сметаат дека треба да се тргне бугарската блокада и нашата држава да ги почне преговорите со Унијата. Нема друга опција освен европски Западен Балкан, па затоа Скопје и Тирана треба да го добијат ветеното од ЕУ и час побргу да го отворат преговарачкиот процес. Оваа порака  беше упатена од Бледскиот стратешки форум на кој учествуваа лидерите на земјите од регионот и високи претставници на ЕУ и на државите членки.

Борут Пахор, претседателот на Словенија, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, беше најдиректен, нагласувајќи дека Скопје направило сè, а Унијата не исполнила ништо, упатувајќи повик Европската Унија, што е можно побргу да ги почне преговорите со Северна Македонија и со Албанија.

„Проблемот веќе не е само политички. Ситуацијата стана многу позагрижувачка за ЕУ. Што направи Северна Македонија за нејзината европерспектива – направи сè, и уште повеќе, а што доби за возврат – ништо и уште помалку. Со ова кредибилитетот на ЕУ многу се наруши. Се обидувам да разберам дека проширувањето на ЕУ во моментов не е приоритет, имајќи ги предвид сите проблеми во ЕУ и пошироко. Но сепак, верувам дека постигнувањето прогрес во преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да остане приоритет и ова прашање да се затвори, нагласи Пахор.

Пахор, и претходно, на средбата со премиерот Зоран Заев одржана на маргините од форумот, го афирмира ставот дека Словенија го поддржува европско проширување со земјите од Западен Балкан и очекува, со посредство и поддршка на словенечкото претседателство, да се најде прифатливо решение за блокираниот процес за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Заев во своето обраќање на форумот истакна дека за нас ЕУ нема алтернатива.

„Ситуацијата на Северна Македонија е како кога некој сака да биде прифатен од некое семејство на кое отсекогаш му припаѓа, а Европа е нашето единствено семејство. Ние ќе продолжиме понатаму да ја оствариме нашата определба да станеме следна членка на ЕУ за која што нема алтернатива“ – истакна Заев.

Посочи дека Северна Македонија покажа храброст, ги прифати европските вредности и направи сè за да продолжи по европскиот пат, а потсети и дека веќе 16,5 години е земја кандидат и земја која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година веднаш по Словенија, а пред Хрватска. Тој ја поздрави определбата на Словенија за време на нејзиното претседателство со ЕУ да спроведе храбри одлуки и решенија во корист на проширувањето.

Словенија го постави проширувањето на ЕУ како свој приоритет и ќе работи процесот да се забрза. Премиерот Заев, неговиот словенечки колега Јанез Јанша и еврокомесарот Оливер Вархеји се согласни дека земјите од Западен Балкан треба што е можно поскоро да станат членки на Унијата и оти до крајот на годината има доволно време Бугарија и Северна Македонија да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион.

Бугарскиот претседателот Румен Радев, во своето учество на Бледскиот стратешки форум, изјави дека притисокот врз Бугарија во наредните месеци на темата Република Северна Македонија ќе продолжи да се зголемува.

„Очекувањата за компромис со Бугарија растат, бидејќи во последните години односите со Скопје се во ќорсокак и Софија остана изолирана“ – објасни Радев.

Повтори дека главен приоритет на бугарската надворешна политика останува европската интеграција на Западен Балкан и дека Бугарија е најзаинтересирана Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но да ги исполни своите обврски, како: заштита на правата на луѓето со бугарска самосвест во Северна Македонија, елиминација на негативната слика за Бугарија во учебниците, спомениците и медиумите и прекин на говорот на омраза.

Денес премиерот Заев потенцира дека во  рамките на Бледскиот форум разговарал со бугарскиот претседател Радев, при што тој изразил надеж дека политичките субјекти ќе успеат да формираат Влада, која е важна за носење одлуки.

„Како што соопштив, на 17 јуни после враќањето од Бугарија каде што бевме, разговаравме, ние ги адресиравме сите важни прашања, го создадовме патоказот, дополнително потврдивме со нота тоа што беше важно за кратко, долго име, за немешање во внатрешните работи и слично. Мислам дека очекувањата да се формира политичка влада би можело да биде во прилог на брзото одблокирање на процесот на Северна Македонија за интеграција во ЕУ“ – рече Заев.

Заев потсети и дека на 14 ноември е најавен датум за одржување на третиот циклус парламентарни избори во Бугарија.

„Имајќи ги предвид нивните уставни рокови од 15 дена за добивање мандат, останува нашата надеж дека ќе формираат политичка влада за да можеме крајот на декември кога ќе се одржи и Советот на министри, а и Европскиот совет да се донесе одлуката за време на словенечкото претседателство“ – изјави премиерот.

Како што посочи и по првото разочарување најавил дека декември е следната шанса, затоа што, како што рече, нелогично е да се креваат очекувањата за септември, октомври или ноември.

„Декември е крајот на претседавањето на секоја земја, тогаш се одржуваат и состаноците. Таквите седници се на Општиот совет или Советот на министри и Советот на ЕУ и јас верувам дека можеме да се надеваме до крајот на оваа 2021 година, т.е. до крајот на декември да се донесе позитивна одлука секако во зависност од позитивниот развој на настаните пред сè во Бугарија“ – истакна Заев.

Инаку, албанскиот премиер Еди Рама учеството на Бледскиот стратешки форум го искористи и да се пошегува со застојот на проширувањето на Европската Унија.

Рама рече дека некој прашал евро-оптимист и евро-песимист што мислат за проширувањето на ЕУ. Оптимистот рекол дека Турција ќе влезе во ЕУ кога со неа ќе претседава Македонија или Албанија. Евро-песимистот одговорил: „Да, двете ќе влезат во ЕУ кога со неа ќе претседава Турција.“

(И.С.)