Заев се пофали дека му расте економијата и вети поголеми пензии

Според премиерот растот на економијата ќе донесе динамично растење на пензиите и ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите, затоа од 2018 до 2019 година се вработени нови 40 илјади луѓе

189

Растот на економијата во првиот квартал од годинава достигна 4,1 отсто. Според податоците на  Државниот завод за статистика во првото тримесечје годинава, најголем пораст е забележан во земјоделството, шумарство и рибарство од 13,6 отсто, градежништво од седум отсто и трговијата на големо и трговијата на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање. Раст има и кај објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6,6 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2019 година номинално растеле за 3,9 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 63,5 отсто.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 14,9 отсто, покажуваат податоците, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 12,6 отсто.

Од растот на економијата во првиот квартал од годинава од 4,1 отсто е задоволен премиерот Зоран Заев кој што во обраќање пред пензионерите на Републичка ревија на песни музика и игри 2019 година посочи дека кога економијата расте над четири отсто и го достигнува потенцијалот тогаш и пензиите растат.

– Растот на економијата ќе донесе динамично растење на пензиите и ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите затоа што вкупната вработливост лани, односно од 2018 до 2019 година се вработени нови 40 илјади луѓе- вели премиерот Заев и дополни дека редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите затоа што вкупната вработливост лани, односно од првиот квартал 2018 до 2019 година се вработени нови 40 илјади луѓе.

Заев потенцира дека  Фондот за пензиско во приходите расте со 8 отсто, а тоа значи и покачување на пензиите.

Пензионерите, според премиерот, се нашите најзаслужни граѓани бидејќи активно учествувале во изградбата на државата. Потсети дека Владата и Министерството за труд и социјална политика ги исправиле, како што кажа, неправдите и сега два пати годишно има усогласување на пензиите со трошоците на живот.

-Ова законско усогласување од една страна ги усогласува пензиите со трошоците на живот, од друга страна го штити Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да можат и идните генерации пензионери да очекуваат стабилни и навремени исплати на пензиите. Растот на пензиите сега е поставен на реални основи и се врзува на економскиот раст, рече премиерот.

Заев кажа дека Владата продолжува да работи на создавање на поквалитетно општество.

За вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев растот на БДП е очекуван и се заснова на реалните бројки во економијата

– Очекувам раст на БДП, очекувам и натамошен пад на невработеноста. Тоа го засновам врз основа на реалните бројки што ги гледам во економијата, а тоа е зголемување на извозот, раст на инвестициите, намалување на невработеноста… – компоненти што во една логичка целина, како што е економијата се поврзани едно со друго и укажуваат дека ние создаваме економски раст така како што го најавивме за годинава, но врз основа на реална економија, а не врз основа на виртуелни пиар проекции, смета Анѓушев.