Заев: Предвремени избори нема да има!

Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата, порача премиерот Зоран Заев,коментирајќи ја можноста за предвремени парламентарни избори кои ги бара опозицијата. Нема ниту потреба ниту логика за оставки. Таквата постапка би била изневерување на сите што дадоа поддршка за европската агенда на земјата, изјави Заев. Тој е дециден дека нема да има предвремени избори

43

Нема предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата. Нема ниту потреба, ниту логика за оставки. Таквата постапка би била изневерување на сите што дадоа поддршка за европската агенда на земјата. Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот, порача премиерот Зоран Заев,коментирајќи ја можноста за предвремени парламентарни избори, кои ги бара опозицијата, по бугарското вето, но и работата на Парламентот во ситуација, кога и власта и опозицијата излегуваат со тврдења дека го зголемуваат бројот на пратениците. Заев во интервју за МИА нагласи дека е почнат процесот на европеизација на земјава и спроведување на реформска агенда до конечно членство во ЕУ. Тој додава дека тоа е стратешка цел Владата, одобрена од мнозинството граѓани на последните избори.

-Довербата на мнозинството граѓани кои ја дадоа на политиките на оваа влада беше заради одлучната намера да ги решава сите прашања, вклучително и ова тешкото со Бугарија. Мицкоски нека си погледне во сопствениот двор на белиот дворец, нека размисли и гласно нека си одговори себеси, кој е тој што вообичаено и логично треба да поднесе оставка после толку изборни порази, порача Заев.

Во врска со последната анкета на МЦМС, во која поддршката за СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во рамки на статистичка грешка, 18,6 проценти од испитаниците се изјасниле за владејачката, а 18,1 процент за опозициската партија, Заев вели дека полето за политички натпревар на идеи и концепти е отворено. Тој потенцира дека граѓаните во неколку различни изборни циклуси покажале по кој пат треба да оди земјата.

-Во Штип на локалните избори нашиот кандидат го зголеми бројот на освоени гласови во споредба со парламентарните, без разлика на бојкотот на ДПМНЕ. Најрелевантна анкета е таа што се спроведува на изборите. Во последните три години на три избори победува политичката понуда на СДСМ и на коалицијата, нагласи за Заев во интервјуто за МИА.

Во однос на натамошните чекори за решавање на спорот со соседна Бугарија, пак, Заев во интервјуто потенцира дека властите создаваат дијалог со Бугарија, а не конфликт, како и смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации.

Премиерот нагласува дека комуникацијата со официјална Софија продолжува во насока на изнаоѓање решение и додава дека ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите во Бугарија не треба да бидат пречка за решавање на билатералните разлики. Заев очекува по новогодишните празници нашиот специјален претставник Владо Бучковски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева да ја продолжат комуникацијата за изнаоѓање решение, а тој имал редовна комуникација со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Заев истакнува дека напредокот во евроинтеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди.

-Токму затоа сметаме дека во преговорите или во рамката не треба да се внесуваат билатерални прашања, што е став кој го делат сите земји членки на ЕУ. Ние имаме јасна определба, даваме шанса на процесот и работиме на тоа да дојдеме до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно нашите стратешкиевроинтеграциски цели, истакна премиерот.

Премиерот потенцира дека по чистата мартовска одлука за старт на преговорите со ЕУ, која беше поддржана од сите земји членки, вклучително и од Бугарија, по европскиот извештај во март ние сме толку неспорно за Европа, а секое одлагање на нашиот старт на преговорите само го доведува кредибилитетот на Унијата во прашање.Тој истакна дека со неодобрувањето на преговарачката рамка Македонија ќе изгуби драгоцено време, но најголем губитник е Европската Унија.

Заев порача дека замена за ЕУ нема и треба да продолжиме да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи. Оваа 2021 година, вели Заев, е година на надеж дека ќе се извојува победа врз пандемијата, но и година кога славиме 30 години од независноста на државата и сто години од раѓањето на Блаже Конески и тоа сега како 30 членка на НАТО.