Премиерот Зоран Заев вечерва поднесе оставка од премиерската позиција и од лидерската позиција во СДСМ. Ова е епилогот од поразот на локалните избори, пред сè во Градот Скопје, но и во повеќето поголеми градови, но истакна дека нема да има предвремени парламентарни избори. Повлекувањето на Заев следува како негово ветување дека доколку СДСМ го загуби Скопје, ќе следи оставка.
Независната кандидатка Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, го победи актуелниот градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов во вториот круг, во градот Скопје. Арсовска вечерва пристигна во штабот на улица „Македонија“, а првиот нејзин коментар беше: „Што направивме… Утре оставка Заев“. Таа алудираше дека Заев мора да го исполни ветувањето кое го даде, а премиерот кратко потоа и го исполни ветувањето. Доцна вечерва и нејзиниот противкандидат Шилегов го призна поразот и се заблагодари на својот тим.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи победа во Охрид на својот кандидат Кирил Пецаков, во Битола на Тони Коњановски, во Ресен на Јован Терзиевски, во Радовиш на Александар Ристов, во Македонска Каменица со Димче Атанасовски, во Вевчани, Гевгелија, Кочани, Кратово и најави победа и во сите поголеми општини. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски истакна дека ова е почеток на промените во државата, се заблагодари за поддршката на Алијанса за Албанците, Алтернатива, Левица и сите коалициски партнери кои ја овозможија оваа победа, но ги предупреди сите нови градоначалници дека треба да ја оправдаат довербата која ја добиле од граѓаните.
СДСМ прогласи победа на своите кандидати во помалите општини: Чашка, Долнени, Росоман, но и во Пробиштип.
Неколку часа по затворањето на најголемиот број на гласачки места почнаа да пристигнуваат првичните информации за изборните победници. Победи прогласија независниот кандидат за градоначалник на Куманово – Максим Димитриевски и кандидатот на Беса во Тетово Биљал Касами, а прва честитка доби од неговата противничка во вториот круг од ДУИ, Теута Арифи. И кандидатот на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Арбен Таравари прогласи победа во Гостивар, каде повторно поразена беше владејачката ДУИ.
Во скопската општина Карпош победа прогласи кандидатот на Гром, Стефче Јакимовски, кој доби поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во вториот круг ДУИ победи во Струга, а нивниот кандидат Рамиз Мерко доби потврда за победата откако неговиот ривал од редовите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Идри Истрефи, преку својот фејсбук-профил го призна поразот. ДУИ најави дека победува и во Кичево, Долнени, Чаир, Боговиње, Теарце, и Арачиново.
Во Дебар и по денешното повторено гласање во едно гласачко место, граѓаните не го избраа новиот градоначалник. На ова гласачко место се прегласуваше откако Управен суд ја прифати тужбата на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, а ДИК врз основа на тоа донесе решение за повторување на гласањето. Како што потврдија од изборните штабови на ДУИ и на Алијанса за Албанците-Алтернатива, во Дебар ќе има втор круг на гласање на 14 ноември, бидејќи и по повтореното гласање ниту еден од кандидатите не обезбедиле потребниот процент од вкупниот број од излезените граѓани на гласање.
Во вториот круг од Локалните избори, што се одржа денеска, се гласаше за градоначалник во 44 општини. Право на глас имаа 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место, а и овој пат едвај половина од нив излегоа на гласање.
На овие локалните избори за првпат се применуваа терминали за биометриска идентификација на гласачите, а се применуваа и општите мерки за заштита од ковид-19.
Генерална оценка е дека вториот круг помина во релативно мирна атмосфера, а поради прекин во гласањето подолг од еден час, гласањето продолжи на мал број места и по 19 часот.
Во првиот круг од гласањето, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ освоија 9, а ДУИ 2. Официјалните резултати од вториот круг на локалните избори, се очекува ДИК да ги соопшти во текот на утрешниот ден.
(И.С.)