Заев-Мeкарти: Резултатите од реформите во државата се видливи, продолжуваме со поддршката

103

Претседателот на Владата Зоран Заев, денеска, се сретна со директорот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Европа, Пол Мeкарти, придружен од повеќе претставници на Институтот, кој му упати честитки за постигнатите позитивни промени во државата, оценувајќи ги како клучни Договорот од Преспа со Грција и заокружувањето на веќе започнатите реформи за остварување на евроатлантските аспирации.

Како што соопшти владината прес-служба, директорот за Европа на ИРИ, ја оцени како многу добра досегашната соработка со Владата на Република Северна Македонија на повеќе проекти и изрази подготвеност за нејзино продолжување предлагајќи повеќе иницијативи каде може да помогнат експертите на Институтот.

Премиерот Заев, пак, се наведува, на средбата со претставниците на Меѓународниот републикански институт го истакна пријателството со Соединетите Американски Држави (САД) во однос на стратешките прашања за државата нагласувајќи дека соработката со американските институции и организации е особено важна, за интеграцијата на земјата во НАТО и Европската Унија.

Премиерот Заев на средбата информираше и за актуелниот политички момент во земјата и ја потенцираше, како што се посочува, заложбата на Владата за остварување инклузивен дијалог со опозицијата и продолжување на реформите во клучните области меѓу кои правосудството, безбедносниот систем, јавната администрација, борбата со корупцијата со цел да се задржи прогресивниот момент за остварување на членството во ЕУ, односно добивање на датум за почеток на преговорите летово.

-Соговорниците ја завршија средбата со взаемно уверување дека традиционалната соработка со ИРИ ќе продолжи и беше заклучено дека е добредојдена поддршката и заедничките програми и проекти кои ќе помогнат за уште поголема демократизација на земјата и ќе бидат од полза за развивање на културниот дијалог меѓу политичките партии во Република Северна Македонија, стои во соопштението.