Заев: Договорот за добрососедство мора да се спроведе

268

Отворањето на прашањето со Бугарија и за македонскиот јазик е за политички цели. Вака претседателот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев ги  коментира се погласните негирања и непризнавањето на македонскиот јазик од страна на високои функционери кај нашиот источен сосед.

Заев вели дека македонскиот јазик е впишан во Обединетите нации, тој е признаен од сите, тој е нашиот идентитет. Но, смета дека ова прашање од националистички побуди повторно е извлечено на површина.

-Тие што се научени да живеат и работат со национализам популизам, така и продолжуваат да функционираат. Ова прашање од националистички побуди повторно е извлечено на површина. Уште еднаш да напоменам дека македонскиот јазик никаде не е спорен, македонскиот јазик е впишан во ОН, тој е признаен од сите, тој е нашиот идентитет. Повторно да се отвора ова прашање е навистина од желба за власт, од желба за политички поени, правење повторно драми или слично, вели лидерот на СДСМ.

Тој порача дека сите знаат дека одлуката на Европскиот совет за преговори е јавно објавена и дека државата доби безусловен датум за почеток на преговори.

-Постои еднострана изјава од страна на Бугарија, дури и во самата изјава тие викаат за свое разбирање внатре, рече Заев посочувајќи дека не се изненадил од изјавата со оглед на тоа што бугарскиот парламент претходно донел декларација за нивна внатрешна употреба, изјави Заев.

Сепак, порача дека Договорот за добрососедство со Бугарија, мора да се спроведе.

-Не би бил чесен ако не кажам дека низ поглавјата, низ преговорите ние мора да го заокружиме и решиме Договорот со Бугарија, односно да ги имплементираме сите негови ставки. Двете страни сме презеле обврска и тие договори се за стратешко партнерство, пријателство и во полза на двете страни е да се реализираат самите договори. Од нив ќе излезе благодат за двете страни и што и да се договара низ преговорите, мора да има задоволство на двете страни, двете страни да бидат среќни, порача Заев.

Опозицијата обвини дека Заев не кажува јавно дали го осудува документот на Бугарија, со кој тие не блокираат на патот кон ЕУ.

-Негаторскиот однос на Бугарија кон Македонија е резултат на политиката на Заев која не помири со соседите. Политика која од 5 соседи не направи непријатели со сите, а дополнително го зајакна негаторскиот однос на секој еден кој некогаш помислил нешто против Македонија. Зоран Заев уште еднаш покажа дека не гледа подалеку од неговата банкарска сметка и интересот на СДСМ, велат од најгомета опозициска партија.

Реагираа и од Глас за Македонија од каде тврдат дека станува јасно дека Република Бугарија потпишаниот договор за добрососедство го замислува како капитулација пред великобугарските соништа.

Последна од серијата провокации беше изјавата на бугарската министерската за надворешни работи Екатерина Захариева дека македонскиот јазик е напишан е во 45-та година, на основа на западнобугарскиот дијалект. “Смениле единствено некои… малку граматика, малку додале зборови од еден друг соседен јазик, истакна Захариева во интервју за бугарската телевизија Канал 3.