Премиерот Зоран Заев појасни дека прогресивното оданочување ќе зафати само 1 отсто од вкупниот број на граѓани, а за сметка на тоа социјалната помош по сите основи ќе се зголеми за 30 милиони евра, односно истата ќе порасне од 3.900 на 11.700 денари, која ќе ја примаат над 70 отсто од социјално загрозените семејства во Македонија
Прогресивното оданочување не значи зголемување на даноците на граѓаните туку претставува само симболична порака на солидарност, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој појасни дека овој данок ќе зафати само 1 отсто од вкупниот број граѓани, бидејќи, како што рече, платите на вработените во ИТ секторот изнесуваат 1.000 евра, а на докторите специјалисти со септемвриското зголемување ќе достигне 90.000 денари.
Според премиерот Заев, за сметка на прогресивното оданочување социјалната помош по сите основи ќе се зголеми за 30 милиони евра, односно истата ќе порасне од 3.900 на 11.700 денари, која ќе ја примаат над 70 отсто од социјално загрозените семејства во Македонија.
– Симболично е прогресивното одданочување и зафаќа 1 процент од сите граѓани кои остваруваат приход над 90.000 денари, но сепак оваа симболика испраќа сигнали на солидарност до нашето општество. Со 3.000 денари не може да живее едно семејство, поради тоа социјалната помош оваа година ќе биде 11.700 денари а ќе ја примаат над 70 отсто од примателите на социјалната помош, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека оваа 2019 година ќе биде година на остварување на економски резултати, година кога економијата започнува да функционира за секого, за што, како што рече, се донесени сериозни одлуки во економските политики, за поддршка на буџетот и на инвестициите.
– Паралелно со поставените услови за растечка економија поставивме и цел систем на реформи за социјална сигурност како основа за подобра живеачка за сите граѓани. Промовиравме ново праведно одданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благосотојба. Дефицитот во пензискиот фонд нема повеќе да расте, а тоа ја праќа порака за сигурност и стабилност до сегашните и идните пензионери, изјави Заев.
Тој очекува јавната администрација повеќе да работи, а Владата да создава дополнителни услови за да ја мотивира. Во таа насока рече дека е предвиден сериозен буџет за јавниот сектор, за вработените во здравството, одбраната, полицијата…
– Буџетот оваа година е дизајниран за да ја оджи макроекономската сигурност и фискалната консолидиција со проектиран раст од 3,2 отсто. Фискалната политика на Владата е во функција да обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност и забрзување за пристапување во НАТО и ЕУ. ВО 2019 година ќе продолжи трендот на раст на платите и на вработувањата во приватниот сектор поддржан со владини мерки, изјави премиерот и додаде дека како резултат на владините мерки 250 домашни фирми добија директна помош од државата за иновации и технолошки развој.
Тој рече дека Владата ги враќа парите кај граѓаните преку евтината трарифа на струјата 11,4 милиони евра, со укинувањето на радифузната такса 15 милиони евра, преку минималната плата, намалувањето на казните, укинување на извршителски трошоци, укинување на каматите на долговите за струја…
Што се однесува до капиталните инвестиции, премиерот Заев истакна дека минатата година нивната реализација изнесувала 60 отсто, а годинава се надева дека таа ќе биде поголема. Најсериозен фокус е ставен во патната и железничката инфраструктура, како и во гасификацијата. Според него, очекувањата се дека во втората половина од годинава Скопје и општините ќе се гасифицираат.
За годината која измина Тевдовски оцени дека приоритет на Владата бил растот на платите и намалување на стапката на невработеност, а во полето на јавните финансии Министерството работело напорно на 10 системски реформи, кои, како што вели, значајно го подобруваат системот на јавните финансии.
– Главен приоритет и годинава ќе остане растот на платите чии просек минатата година изнесуваше 5,7 отсто и е тројно повисок во однос на растот од претходните години кој изнесуваше 1,9 отсто, изјави Тевдовски и додаде дека невработеноста во 2018 година е намалена од 21,9 на 20,8 отсто.
Тој очекува дека во 2019 година ќе продолжи стапката на раст на платите, намалување на невработеноста, растот на јавните инвестиции, забрзување на приватните инвестиции… (А.С.)