Реално е во јуни или јули Северна Македонија да добие датум за преговори, во спротивно ќе се соочи со политичка криза, предупредува премиерот Зоран Заев, кој е оптимист дека Европа треба да го испорача тоа што ѝ беше ветено на земјава. Сепак, Заев предупредува дека има шанси Македонија да не го добие долгоочекуваниот датум за отпочнување на преговори со Европската Унија, а според него, причина за ова не би биле внатрешните работи во државата, туку случувањата во регионот, пред сè во Албанија, која овој пат оди во пакет со Македонија.

-Ако добиеме пречка, таа нема да доаѓа од дома. Нема претседател, канцелар, премиер кој ги става под прашање нашите перформанси. Заради констелациите со сите други земји, ќе се знае кога ќе биде одлуката. Доколку немаме датум ниту во јуни ниту во јули тогаш ќе се соочиме со политичка криза, затоа што ги ставивме сите карти на нашата интеграција во ЕУ. Тоа се очекувањата на нашите граѓани, би било проблематично доколку не се испорача тоа, изјави Заев во интервју за „360 степени“ на АлсатМ телевизија.

Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската комисија и од Европската Унија за добивањето на датумот за преговори, вели Заев 
Премиерот посочува дека Договорот од Преспа и направените реформи создале позитивен амбиент.

– За жал констелациите не се добри, затоа постои дебата. Тука мислам на Албанија, и на Косово-Србија прашањето. Но верувам дека нема да се дозволи во ниеден момент после 14 години кандидат, и од 2009 година позитивна препорака, повторно бидеме одложени, дефинитивно тоа не е во полза ниту на ЕУ, вели Заев.

Премиерот и на средбата со еврокомесарот Хан по економскиот форум во Виена порача дека ова лето земјава треба да ја добие конечната одлука од ЕУ за добивање датум за старт на преговорите.
 – Тој е оптимист, јас сум оптимист. Секако знаеме дека треба да завршат парламентарните избори за Европскиот парламент, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија. Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори, нагласи Заев.

Заев рече дека најавените промени ќе се случат на почетокот на јуни, затоа што извештајот ќе биде објавен на 29 мај.

 -Дотогаш преговараме и со опозицијата. Едниот закон е законот за безбедноста и разузнавачките служби, другиот закон е законот за јавно обвинителство, изјави Заев.

Еврокомесарот Хан, исто така, од Виена порача дека Северна Македонија во јуни ќе добие одлука за почеток на преговори со Европската Унија, а дека до крајот на годинава очекува да бидат отворени и првите поглавја. Тој истакна дека земјава е единствената во Западен Балкан која нема спорови со соседите и е политички најстабилна во регионот.

Позитивните сигнали од Брисел ги пренесе и евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, кој е уверен дека Европската комисија во Извештајот ќе го нотира огромниот напредок што беше постигнат во државата изминатата година и ќе препорача отворање преговори.