„Зад себе оставаме 200 години воена неутралност“: Кристерсон по одобрувањето на Унгарија за влез на Шведска во НАТО

656
EPA-EFE/MAGNUS LEJHALL SWEDEN OUT

Шведска остава зад себе 200 години воена неутралност, изјави премиерот на земјата, Улф Кристерсон, откако претходно денеска унгарскиот парламент го ратификуваше барањето на официјален Стокхолм за членство во НАТО.

„Шведска остава зад себе 200 години воена неутралност и неврзаност. Тоа е голем чекор и нешто што треба сериозно да се сфати“, изјави Кристерсон на прес-конференцијата, пренесува шведскиот јавен сервис СВТ.

Тој изјави дека тоа е „природен чекор“, додавајќи дека нордиските земји ќе имаат „заедничка одбрана“ за прв пат по 500 години.

„Влегуваме во НАТО за да одбраниме сѐ што сме и сѐ во што веруваме“, рече шведскиот премиер.

Тој посочи дека Шведска сега ја опремува својата армија, ја проширува цивилната одбрана и го зголемува бројот на регрути.

„Шведска ќе придонесе за одбрана на НАТО во воздух, на земја, во вода и под површината. Сакаме да добиеме сигурност, но и да ја понудиме“, изјави Кристерсон.

Унгарскиот парламент претходно денеска го одобри приемот на Шведска во НАТО, што го поддржаа 188 пратеници, додека шест беа против.

Така Шведска ќе стане 32-та членка на воената алијанса.