Поранешниот шампион на ВБЦ во тешка категорија, Британецот Тајсон Фјури, не се помирува со поразот од Александр Усик. Британецот е убеден дека всушност требало да стане апсолутен шампион на светот и дека судиите донеле погрешна одлука во борбата која се случи на 18 мај. Според него, резултатот е секогаш ист. Усик победи само три рунди, а останатите ги добил Британецот.

„Јас ја гледав борбата многу пати и одговорот е секогаш ист – победив“, вели Фјури и додава:

„Усик знае дека не ме победи. Мислам дека во повеќето рунди го победив. Верувајте дека не победи повеќе од три рунди“, смета Фјури.

„Џипси Кинг“ тврди дека борбата била полесна отколку што очекувал.

„Всушност беше многу полесно отколку што се очекуваше. Луѓето велат дека е тешко да се победи, но јас го уништував со четири комбинации со удари и му се смеев во лице. Проблемот беше што премногу се забавував“.

“Прелесна борба. Се чувствував како да сум во рингот со локален аматер. Премногу уживав, се глупирав и ја платив цената во деветтата рунда”, изјави Фјури.

Британскиот тешкаш е убеден дека во реваншот ќе биде тој чии раце ќе бидат високо во воздух.

“Морам да го завршам бидејќи знам дека одлуката нема да оди во моја корист. Поразително е кога знаеш дека си направил доволно за да победиш. Самоуверен сум и со нетрпение го очекувам предизвикот. Слушнав дека има скршена вилица и очното јаболко, нека се опорави и нека се подготви за декември“, е пораката на Тајсон Фјури.

Реваншот меѓу Усик и Фјури е закажан за 21 декември, а домаќин повторно е Саудиска Арабија.