Загреб ја менува политиката на слободниот уметнички израз : Наместо графити, се враќаат белите ѕидови

28

Во Загреб, конечно, почна долгоочекуваното отстранување на графитите од фасадите што ги финансира Градот. Се почна со шест згради во Водниковата улица, потоа ќе се отстрануваат и од другите 270 приватни згради во градот, а во текот на претстојнава седмица, и од Домот за здравје.

Заменикот на загрепскиот градоначалник, Лука Корлает, потсети дека лани е донесена одлука со која отстранувањето на графитите во целост се финансира од градскиот буџет. Врз основа на таа одлука се распишани јавни повици на кои досега се јавиле дури 260 претставници на косопственици на згради, кои покажале интерес да се отстранат графитите од фасадите на нивните згради.

Коралет вели дека ги радува тоа. За отстранување на графитите од приватните згради за 2025 година, алоцирани се 400.000 евра, од кои за првите шест договорени згради во Водниковата улицас се алоцирани 46.000 евра, приближно 7.500 евра за зграда, што вклучува отстранување на бојата и нанесување нова боја и антиграфитен слој.

Потсетува дека повеќе пати се обиделе да дојдат до оние што ги напишале графитите.

– Имавме неколку јавни расправи и еве, од петтиот обид успеавме – истакна тој.

Тој рече дека засега се опфатени над 70 адреси и дека градоначалникот Томислав Томашевиќ ќе ги потпише одлуките.

Техниките на отстранување на графитите се различни. Главно, долниот дел од зградата се пескари – со комбинација на песок и вода под висок притисок се лупи и така се чисти, а горниот дел од зградата се пребојува прво со основната боја, а потоа со тон што е сличен на постојниот.

Графитите се отстрануваат и од прозорците и од скалите на зградите, што значи дека станува збор за „комплетна услуга“.

Казните за оние што шараат по зградите не се високи, се движат од 100 до 250 евра за физичко лице, бидејќи градската одлука за комунален ред е усогласена со прекршочниот закон. Корлает појаснува дека законодавецот одредил така затоа што прекршителите се, главно, малолетници, па не би сакале да ги „одерат“ премногу нивните родители. Се вели дека годинава, во второто полугодие, се издадени само  15-ина казни, затоа што извршителите најчесто се покриени со качулки и е тешко да бидат идентификувани.