Загребскиот струмичанец Владо Калембер во љубовта е просјак и крал – Миленикот на женската публика, од Вардар до Триглав, повторно освојува

11199

Некогашната мегаѕвезда на групата “Сребрна крила“, Владо Калембер, родум од нашата Струмица, пее нова песна која му ја напиша Григор Копров а, за која и двајцата се убедени дека имаат и нов голем хит

Песна за љубовната разделба е најновата прекрасна балада која је пее некогашната мегаѕвезда на групата „Сребрна крила“, Владо Калембер. За оние кои не знаат Калембер е родум од нашата Струмица, татко му беше воено лице, па од тука и неговата преселба од град во град во поранешната Југославија. Од таму и емотивната приврзаност на Калембер со Македонија. Затоа нека не чуди оваа тазе соработка на Владо Калембер со македонскиот хитмејкер Григор Копров.

Бидејќи кога ќе ја слушнете песната „У љубави смо краљеви и просјаци“, ќе останете зашеметени, од убавината на музиката, стиховите и аранжманот. Музиката е на Григор Копров , текстот на Саша Драгиќ, а аранжманот на добро познатиот Владимир Дојчиновски-Дојчин.

-И да имате и најмала љубовна рана, ќе ја зацелите бидејќи зборовите се силни. Го опишуваат човекот што донел одлука и со целиот животен багаж и сознание дека љубовта, иако е премиса и прапочеток на секој живот, сепак може да престане, вели текстописецот Саша Драгиќ.

И тоа не е сè. Долгогодишниот миленик на женската публика, Калембер, овој пат е во сосема ново светло: фантастично ја донесува емоцијата, а искуството и животот направија кај него да има созреани чувствата во кои и тој самиот одлично се пронаоѓа.

Оваа авторска тројка, за првпат споена во една песна, го даде новото светло во начинот на пеењето на Калембер. Песната ја очекува и спот, а многу наскоро ќе ја чуете и на македонски јазик. Инаку, Копров веќе има напишано една песна за Калембер. Тоа е песната „Добра ноќ заљубени“, која ја испеа на  „Макфест 1988“, па од тогаш трае нивното пријателство и нивната професионална соработка.

Како и да е, двајцата се убедени дека со новата песна музичкиот простор од Вардар до Триглав ќе биде збогатен со уште еден голем хит.  Д.М.