Американецот Брајан Волш е обвинет за убиство на неговата сопруга, Србинката Ана Волш, агент за недвижности и мајка на три деца кои исчезнаа на почетокот на годината, објави окружниот обвинител во сојузната држава Масачусетс.
Брајан Волш во јануари официјално беше обвинет за убиство на сопругата Ана, со која има три деца на возраст од две до шест години, на што се изјасни за невин, пренесува Си-Ен-Ен.
Властите пронајдоа докази дека Волш ја убил и распарчил својата сопруга, а на судот му биле покажани и два ножеви пронајдени во подрумот на куќата на семејството Волш, од кои на едниот имало траги од крв.
Во контејнерот во близина на зградата во која живее мајката на Брајан Волш, пронајдени се десет кеси со крвави теписи, ножеви и секира, соопштија обвинителите.
Обвинението поднесено вчера од Големата порота на округот Норфолк го преместува случајот од окружниот суд во надредениот суд на округот и ќе биде поднесено ново обвинение.
Големата порота го обвини Волш (48) за убиство, заведување на истражителите и неправилно пренесување на човечко тело.
Ана Волш исчезна рано наутро на 1 јануари, кога требаше да замине за Вашингтон, каде работеше во компанија за недвижнини и каде има куќа.
Како што покажа истрагата, таа од 1 јануари не го користела мобилниот телефон, ниту кредитните картички, а властите пред две недели го уапсија нејзиниот сопруг затоа што ја довел полицијата во заблуда во текот на истрагата.