Снимањето на дебитантскиот краткометражен филм „Мајка“ во режија на Ѓорѓи Лазов заврши, а последната клапа падна деновиве, во Општина Кисела Вода, со што заврши четиридневниот интензивен процес, кој се одвиваше на неколку локации во Скопје.
„’Мајка’ е интимна семејна драма што ја раскажува приказната за комплексниот однос помеѓу мајка и ќерка. Наративот добива неочекуван пресврт во текот на божиќните празници, кога објавува мајката оглас во весник барајќи маж со цел повторно да се омажи. Преку емотивна и комична перспектива, филмот истражува теми како што се осаменоста, љубовта, почитта и разбирањето во едно семејство.
Во главните улоги се истакнатите актерки Наташа Петровиќ и Соња Михајлова, а актерската екипа дополнително ја збогатуваат Слободанка Чичевска, Ивица Димитријевиќ, како и дебитантката Јована Синадиноски, која за првпат се појавува на филмска камера“, велат од продукцијата.
За режисерот Ѓорѓи Лазов, снимањето на „Мајка“ било неверојатно искуство, благодарение на посветената екипа и на талентираните актери.
„Иако беше предизвикувачки да се заврши во краток временски рок, успеавме да ја доловиме емоцијата што ја посакувавме. Очекувам дека ќе допре оваа приказна до срцата на публиката и ќе предизвика емоции и размислувања за односите во едно семејство“, посочува Лазов.
Продуцент на филмот е Александар Арсовски, директор на фотографија е Никола Марковски, додека мајстор на светло е Сашко Стојановски- Меанџи. За костимите се погрижи Жаклина Крстевска, сценограф на филмот е Дејан Ѓошевски, а шминката и фризурата беа во рацете на Стефанија Илиевски. Монтажер на филмот е Димитар Спирковски, а снимател на звукот и микс – Горазд Радевски.
Филмот е реализиран со финансиска поддршка од македонската Агенција за филм, како и со сопствени инвестиции на продуцентот и на продукциската куќа „Скорпион филмс“, но и со партнерски фирми пријатели од Р Хрватска, „Волфганг и Доли“ и „Мираж продукција“.
Премиерата на филмот „Мајка“ е предвидена во текот на 2025 година.