Заврши откупот на тутунот од минатогодишната реколта. Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), откупени се над 25,2 милиони киограми тутун по просечна откупна цена од 214,24 денари за килограм, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од откупните компании кон тутунопроизводителите се исплатени над 5,3 милјарди денари денари или 98,24 отсто од откупениот тутун. Од ДИЗ посочуваат дека откупот на тутун заврши во рамки на законскиот рок, заклучно со 15. месецов и се одвивал непречено.
Во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство низ државата во тек е вадење евидентни листови, како лиценци за годинашното тутунопроизводство. Од Платежната агенција веќе информираа дека штом завршат сите административни процедури околу контролите, ќе следи и исплатата на субвенциите за производителите на тутун.
Во реколтата 2018 се засеани 14.802 хектари со тутун, а се склучени 34.104 договори со девет откупни претпријатија. Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пријавија 23.430 издадени евидентни листови. Вкупната договорена количина за откуп изнесува над 29.000 тони тутун. Споредено со реколтата 2017, за производство на тутун 2018-та се издадени 57 евидентни листови повеќе од 2017, и се склучени над 4.700 повеќе договори. Зголемување има и на засадените површини со тутун, и тоа за 387 хектари.
-За зголемениот интерес големо влијание имаше високата откупна цена на тутунот од реколтата 2017 која изнесуваше 217,60 денари за килограм, како и новиот модел на зголемени субвенции според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи, наведува МЗШВ.
Новата производствена реколта ќе стартува според постоечкиот Закон за тутун и тутунски производи, односно и оваа година ќе се издаваат евидентните листови односно т.н „бели картони“.
Со новиот Предлог закон за тутун што е во собраниска процедура, се предвидува укинување на евидентните листови од следната година. Со таа законска одредба МЗШВ очекува значително да ги намали административните процедури за тутунарите со тоа што тие ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија. Се предлагаат и одредби за уредување на сродните тутунски производи: несогорливи производи од тутун, електронски цигари и растителни (билни) производи за пушење. Производителите и увозниците кои ставаат во промет електронски цигари и/или контејнери за еднократно или повеќекратно полнење, поднесуваат барање за пуштање во промет до Министерството за здравство, за што добиваат одобрение. Производителите и увозниците на несогорливи производи од тутун се должни да достават известување до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за сите несогорливи производи од тутун кои што имаат намера да ги стават во промет. Одредбите од законот кои се однесуваат на поимите дефинирани за несогорлив тутун и електронска цигара ќе бидат употребени за определување на надоместок согласно Законот за акцизите од 1 јули 2019 година.
Според МЗШВ, новите законски одредби ќе овозможат транспарентност во врска со содржината на договорите кои треба јавно да се објават најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб страната на откупувачот. – Воедно, ќе се создаде можност за дополнително отворање на откупни пунктови во текот на откупот, како и други придобивки за подобрување на квалитетот на услугите и задоволството на тутунопроизводителите, откупувачите, производителите на тутунски и сродни производи, потрошувачите и бизнис заедницата од работењето на тутунското стопанство. Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандар, информора Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.