Со церемонија за прогласување на добитници и доделување на награди вчера заврши десетиот јубилеен Интернационалниот филмски фестивал ТИФФ ОДА што од 28 август се одржуваше во Тетово. Вкупно пет долгометражни и 40 краткометражни филмови учествуваа во натпреварувачкиот дел од фестивалот.
За најдобар филм во категорија Сине Балкан Панорама е „Кошница“ на режисерката Блерта Башоли копродукција на Косово, Швајцарија, Албанија и Македонија со траење од 84 минути. За најдобар документарен филм е прогласен „Помирување“ од Марија Зидар. Почесно споменување е за филмот „Галакси Андромеда“ од Море Рача, а за уметнички придонес Бајруш Мјаку, информира Сабедин Селмани.
Во категоријата Вин Панорама за најдобра кратка фикција е прогласен филмот „Фигурант“ од Јан Вејнар од Чешка, за најдобра кратка анимација „Природна селекција“ од Алета Рајиќ од Босна и Херцеговина, додека за најдобар краток документарен филм „Преживување и училиште“ од Илир Кабаши од Косово. Како најдобар студентски филм е прогласен „Додека сме тука“ од Анастасија Малцева од Русија.