Заборавете на летувањата во Грција на кои сте навикнале, од 2025 нови даноци и такси ќе ги вивнат цените на сместувањето

828

Грција е рангирана на четвртото место, заедно со Португалија, меѓу најпопуларните дестинации за летото 2025 година, според истражувањето на „Мериот Бонвој“, клуб на членови на мултинационалниот синџир хотели.

И други истражувања, како, на пример, она на Европската комисија за туризам, покажуваат дека Грција е многу високо на листата на посакувани дестинации за патување во претстојната сезона, пишува „Екатимерини“.

Но, за просечните туристи од Македонија и од Србија, кои се најбројни Балканци во грчките летувалишта, оваа омилена дестинација станува сè понеатрактивна. Летувањето таму во 2025 година ќе биде далеку поскапо. Грчката Влада промовираше нов даночен закон со цел да се зголемат приходите и да се решат клучните проблеми во туристичкиот сектор. Тоа најмногу ќе ги погоди туристите со поскромен буџет, зашто меѓу најважните мерки што треба да стапат во сила од 1 јануари наредната година се зголемувањето на данокот на туристичкото сместување и рестрикциите на краткорочното изнајмување станови и куќи во популарните области, преку платформите на Интернет. Но, има и такса за патниците на крузерите.

Рамката во која од Нова година ќе работат оние што изнајмуваат сместување во стилот на „Арбиенби“ станува значително потесна, а оние што ги даваат становите и куќите во долгорочен закуп, ќе добијат даночни олеснувања, објави вчера атинската РТВ СКАИ, која очекува новите прописи да се усвојат набргу.

Како што пренесува „92 путовања“, воведена е и такса за климатска отпорност, која иако се вика така, се однесува на туристичкото сместување, вклучувајќи хотели, „Арбиенби“ и вили. Нивната цена ќе зависи од типот на сместувањето и од сезоната. Приходот од оваа такса ќе биде употребен за финансирање на еколошките проекти и за подобрување на инфраструктурата. Има и нова такса од 1 до 20 евра за патниците на крузерите во грчките пристаништа, а приходот  ќе се искористи за развој на пристанишната инфраструктура и за промоција на туризмот.

Ќе има и помалку приватни станови и куќи за изнајмување. За да го поттикне долгорочното изнајмување, Владата нуди тригодишно даночно ослободување за сопствениците кои ќе почнат да ги издаваат на долг рок недвижнините што ги издавале на туристи. Целта на оваа мерка е да се балансира економската корист од туризмот со потребата за одржлив развој и за социјална правичност.

За да ги реши проблемите со недостигот на станбен простор и со порастот на цените за изнајмување во Атина, грчката Влада на една година ќе го суспендира издавањето нови дозволи за краткорочни ренти во три централни грчки кварта. Тоа се однесува на Плака, Колонаки, Коукаки, Синтагма, Омонија, Монастираки, Ексархија, Илисија, Неаполи, Метс, Неос Космос, Агиос Артемиос, Паграти, Вотаникос, Метаксургио, Гази, Петралона и на Роуф. Сопствениците кои ќе сакаат да ги издаваат своите недвижности во центарот на Атина на туристи идното лето, ќе мора да го запишат тоа во даночниот регистар на недвижности до 31. овој месец. Од 1 јануари 2025, тоа веќе нема да биде можно.