Длабоките промени низ кои поминува човечкиот мозок за време на бременоста се забележани за прв пат, откако истражувачите извршиле прецизно скенирање на трудница.
Скеновите со магнетна резонанца направени на секои неколку недели од пред зачнувањето до две години по породувањето открија раширена реорганизација во мозокот на мајката, при што некои промени краткотрајни, а други траат со години.
Ова истражување, опишано од независен експерт како „навистина херојско“, го отвора патот за многу подлабоко разбирање на мозокот на мајката за време на бременоста.
Сега се собираат дополнителни податоци од други бремени жени за да се истражат ризиците од постпородилна депресија, врската помеѓу прееклампсија и деменција и зошто бременоста може да ги намали мигрените и симптомите на мултиплекс склероза.
Научниците направиле 26 скенирања на мозокот на здрава 38-годишна жена која забременила преку вештачко оплодување, а исто така собирале примероци од крв за да го следат драматичниот скок на хормоните за време на бременоста. Податоците покажаа како мозокот се менува од недела во недела.
Како се менува мозокот за време на бременоста
Најнагласено беше постепеното намалување на сивата материја, надворешната површина на мозокот за време на бременоста и привремениот врв на невронската поврзаност на крајот на вториот триместар.
– Мозокот на мајката поминува низ промени во текот на бременоста, а сега конечно можеме да го набљудуваме тој процес во реално време – изјави професорката Емили Џејкобс, истражувач од Универзитетот во Калифорнија во Санта Барбара.
Научниците веќе го снимиле мозокот на жените во различни фази од бременоста, но најновото истражување покажува како таквите студии можат да ги пропуштат привремените промени кои се враќаат во нормала до моментот на породувањето.
Во една статија објавена во списанието Nature Neuroscience, водечкиот автор Лаура Прицкет и нејзините колеги опишуваат како хормоните, како што се естрогенот и прогестеронот, предизвикуваат значителни физиолошки промени во бременоста, кои влијаат на крвната плазма, метаболизмот, потрошувачката на кислород и имунитетот. Истите хормони го преобликуваат мозокот.
За да дознаат повеќе, научниците користеле прецизна магнетна резонанца за да го скенираат мозокот на Др. Елизабет Крастил, колешка од Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. Таа беше скенирана пред зачнувањето, за време на бременоста и две години по раѓањето на нејзиниот син во мај 2020 година.
– Беше доста интензивно искуство – рекла Крастил и додала дека не се чувствувала особено поинаку за време на бременоста.
Скенирањето откри големо намалување на волуменот и дебелината на сивата материја. Микроструктурата на белата материја, која ја мери поврзаноста на невроните во мозокот, се зголеми на врвот на крајот на вториот триместар пред да се врати на претходните нивоа. Цереброспиналната течност и мозочните шуплини познати како комори, исто така, се проширија.
– Понекогаш луѓето реагираат негативно кога ќе слушнат дека волуменот на сивата материја се намалува за време на бременоста. Оваа промена веројатно го одразува финото прилагодување на нервните кола, слично на разредувањето на кортексот што се случува за време на пубертетот, рече Џејкобс.
Истражувањето не ги објаснува однесувањата или емоциите кои се јавуваат за време на бременоста, а многу фактори покрај хормоните, како стресот и губењето на сонот, играат и улога. Некои промени во мозокот сè уште беа присутни две години по породувањето, што укажува на клеточни промени во органот.
– Ова истражување покренува повеќе прашања отколку што одговара, само ја изгребавме површината – рече Крастил.
Д-р. Ана-Мари де Ланге, шеф на групата FemiLab во Универзитетската болница во Лозана, го нарече истражувањето фасцинантно.
– Овој пристап не само што ќе ни помогне во мапирањето на невропластичноста на мајките, туку и во идентификувањето на маркерите кои укажуваат на ризик од постпородилна депресија, сериозна состојба која често не се лекува – заклучила таа, пишува The Guardian.