Германската економија забележала раст од 1,5 процент во 2018 година, што е најслаба стапка на раст за пет години и претставува значително забавување во споредба со претходната година, се наведува во прелиминарната процена на Федералното биро за статистика.
Германските компании се соочуваат со проблемот на ладење на глобалната економија, трговските спорови предизвикани од политиката на американскиот претседател Доналд Трамп за Америка на прво место и ризикот дека Британија ќе ја напушти Европската Унија без договор во март, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Прелиминарната процена за растот на БДП е во согласност со пазарните очекувања и доаѓа по стапката на раст од 2,2 отсто во 2017 година, наведува британската агенција.
„Германската економија забележа раст деветтата година по ред, иако залетот ослабе“, велат од заводот за статистика додавајќи дека минатогодишниот економски раст се должи на домашната побарувачка и државните трошоци.