Денеска два часа беше блокиран регионалниот пат Битола-Маково, кај Новаци, од страна на жителите на ова населено место кои изјавија дека протестот не е од политичка природа, туку поради „несоодветното движење на сите моторни возила низ населеното место, особено заради камионите кои транспортираат јаглен во РЕК Битола“.

Жителите на Новаци бараат поставување на смирувачи на брзината, соодветна сигнализација, радар камери и опремување на полицијата во Новаци со радар и дрегери.

Жителите протестираа и минатата недела откако се случи сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „волво“ и трактор со приклучна земјоделска работна машина, при што повреден беше трактористот жител од селото, кој по неколку дена почина.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, кој на изборите беше носител во четвртата изборна единици преку фејсбук-статус рече дека жителите на Новаци кои протеститраат ја имаат неговата поддршка.

Тој вели дека власта на СДС И ДУИ на заминување прави масовна пљачка на ЕЛЕМ И РЕК Битола.

– Исто така дневно десетици камиони носат увозен јаглен! Тие камиони транзитираат низ Новаци кон РЕК Битола. Во сообраќајна несреќа при судир на еден од тие камиони со трактор, еден човек го загуби животот. Затоа жителите на Новаци организираат протести за крај на криминалот во ЕЛЕМ и РЕК Битола! Се случува уште еден таков протест! Жителите на Новаци ја имаат мојата поддршка!  А, за криминалот во ЕЛЕМ и РЕК Битола, веднаш по формирањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе започнат соодветни постапки за расчистување – стои во објавата на Николоски.

Фото: Тера ТВ