Животот стана поскап, цените на храната рипнаа за 21%

232

Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани животот ни бил поскап за 14,2 проценти. За споредба, претходната година стапката на инфлација беше 3,2 проценти.

Државните статистичари пресметале дека ланската декемвриска инфлација била на ниво од 18,7 проценти во споредба со истиот месец 2021 година, што значи дека сè уште имаме силен инфлациски притисок во државава и високи двоцифрени бројки на инфлација. Претходниот месец, пак, инфлацијата изнесуваше 19,5 проценти, што значи дека во земјава многу бавно, или речиси воопшто не се спушта инфлациската стапка, како што беше примерот со другите европски држави.

Намалувањето на индексот на трошоците на животот во декември 2022 година, во споредба со претходниот месец,е резултат на пониските индекси на свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 11,4%, свежото и разладеното овошје за 5,6%, маслото и маснотиите за 3,9%, сирењето и урдата за 2,1%, млекото за 2%, пивото за 0,5%, жестоките пијалаци за 0,4%, лебот и житата за 0,3 % и рибата и морските плодови за 0,2%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 13,3%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 11,6%, другите печатени материјали за 2%, медиумите за снимање за 1,5%, малите електрични апарати за домаќинствата, малите алатки и останатите додатоци за 0,5%, текстилот за домаќинствата и информатичката опрема за обработка на податоците за 0,2%.

Пораст на индексот на трошоците на животот, во декември 2022 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај кафето, чајот и какаото за 2,4%, виното за 1,4%, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,8%, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошјето.

Од податоците се забележува дека храната и безалкохолните пијалаци, лани поскапеле за цели 20,9 отсто, што значи дека исхраната поскапела за дури една петтина. Огромно поскапување има и кај транспортотот, и тоа од 19,5 проценти.

Додека домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива се поскапени за 13,3 проценти. За 11,5 отсто поскапеле услугите на рестораните и хотелите, а за 8,6 отсто било поскапо набавувањето на мебел, покуќнина и редовното одржување во домаќинствата.