ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Цел

328

Во суштината на луѓето е да се стремат кон успех и признанија, но што ќе се случи со напредокот на заедницата и етичката димензија на личноста, доколку ја фаворизираат максимата: “Целта ги оправдува средствата”? Оваа реченица на морално проблематичните средства за оправдување на целта му се припишува на италијанскиот филозоф Николо Макијавели, иако таа е доктрина формулирана од езуитите. Макијавели пишувал дека “целта ги одредува средствата”, односно дека врз основа на целите треба да ги пронајдеме начините и одредиме средствата, кои ќе ни помогнат да ги реализираме намерите и да го постигнеме успехот. Тоа подразбира дека остварувањето на целта – постигнување успех, најчесто е резултат на инвестирањето во сопствените вредности, духовната и интелектуална надградба и определбата умот, духот, повисоката свест и чистата совест да бидат креатори на успехот и реализацијата. Но, дали е навистина така? Што преовладува во современиот начин на живеење и какви вредносни начела се клучни за постигнување на успехот и себереализацијата?
Денес е многу поважно по секоја цена да се биде на врвот, да се стане богат и успешен, отколку да се почитува моралот, да се следат вредностите на човечноста, правичноста, чесноста и духовноста.

Постојат поединци кои се подготвени на се, само да зграпчат фотелја или да ја задржат истата. Етиката ја загуби битката со прагматичката определба: Најбитно е да ја остварам зацртаната цел, па е неважно со какви средства го постигнувам тоа. Целта е клучна, а средствата за остварување на таа цел се оправдани. Но, каде е моралноста во сето тоа. Ја нема. Како што тргнале работите, таа и се поретко ќе ја има. Илузорно е да очекуваме да ја има кај тие што немаат чиста совест, чист образ, свест за општото добро и чувство за болките и страдањата кои им ги создаваат на другите.

Овие тенденции предизвикаа да егзистираме во суров свет во кој постојано преовладува борбата, интригата, лагата и тесните интереси. 21-от век стана познат по експанзијата на информатичката технологија проследена со сателитизација, паметни мобилни телефони, автоматизација, дигитализација, но и по ниско развиената свест за еко средината, семејните вредности, етиката и напредокот на заедницата.

Мислата на англискиот филозоф Томас Хобс, дека во природната состојба “човек на човека му е волк”, се повеќе се актуализира и наметнува како неминовен концепт на живеење, алудирајќи дека постои војна на сите против сите, односно дека повеќе никој не е сигурен и безбеден. Затоа, во пораст е трговијата со наркотици, оружје, бело робје и човечки органи, се почесто се пројавува детска проституција и педофилија, има опасност од нуклеарна закана, епидемија и нова економска рецесија. Сведоци сме дека се повеќе се предизвикуваат војни и се продуцираат болести поради профит, постои империјалистички стремеж за глобална доминација и за воспоставување нов светски поредок во кој постепено ќе го загубиме правото на приватност, сопственост и независност.

Технолошката деструкција создаде да живееме во општа загаденост на духот и телото, додека јазот (нееднаквоста) помеѓу екстремно богатите поединци и огромниот број осиромашени луѓе се интензивира. Мултинационалните компании и моќните корпорациски здруженија доминираат на глобалниот пазар и се повеќе ги уништуваат малите и средни компании, со што придонесуваат за мултиплицирање на невработеноста. Во тој правец оди и определбата на одредени менаџери да ги намалат производните и комерцијални трошоци и да заштедат на човечки ресурси, така што е прашање на време кога вештачката интелигенција и роботиката ќе ја земат работата на луѓето, па се поставува прашањето што човекот ќе работи и од што ќе живее.

Како оди времето, сите овие нешта уште повеќе ќе ја зголемат анксиозноста кај луѓето кога ќе помислат на автоматизација на работните места и нивната замена со вештачка интелигенција. Впрочем, егзистенцијалната несигурност, стравот од губење работно место, нестабилните меѓучовечки односи, отуѓеноста, подложноста на стресни ситуации, неверства и разни зависности, предизвикаа голем број од луѓето спасот да го побараат во седативи и антидепресиви со што уште повеќе се заплеткуваат во лавиринтот на сопствената неавтентичност, зачмаеност и духовна загубеност.

Стремежот кон што побрза и полесна заработувачка предизвика уништување на голем дел од зелената површина и деградирање на природата, создавање бетонски џунгли и истребување на многу животински и растителни видови, неопходни за природниот баланс на Земјата. Што да се каже за податокот дека живееме во исклучително токсични средини во кои се празнуваат деновите на ниското атмосферско загадување. Последиците од дехуманизацијата, од постепеното уништување на природните ресурси, од човековата пренагласена ориентираност кон материјалните добра и лажните потреби создадоа армија фрустрирани, незадоволни, исплашени и изгубени луѓе, кои не умеат да ја пронајдат вистинската цел и смисла во животот.

Сите овие нешта го наметнаа прашањето: Кој тоа го направи? И дали крајната цел на луѓето е да живеат во духовна неосвестеност, со потсвесна агресивност и со оддаденост на алчноста, манипулацијата и ниските вредности на животот?
Фјодор Достоевски има кажано: Кога е богатството загубено – ништо не е загубено, кога е здравјето загубено – се е загубено.

Како што тргнале работите, сите ние полека ќе попуштаме со здравјето и ќе го губиме тлото под нозете, бидејќи ќе нема на што да се надеваме и на кого да се потпреме. Тие на кои сме им ја дале довербата да ја донесат светлината на надежта и да ги оттргнат темните облаци надвиснати врз јадрото на општеството, со својата некадарност, неспособност и загубеност во времето и просторот, само уште побрзо не туркаат кон амбисот на невредноста и ниските вибрации на опстојноста. Изневерените очекувања, општото разочарување и несигурноста во перспективите на иднината, нужно го наметнаа прашањето: Каде е спасот и дали постои решение за излез од бездната во која се наоѓаме?

Чудата постојат ако веруваме во нив. Тие се случуваат кога излезот нема да го бараме во надворешните ветувања и влијанија, односно кога целта ќе ја пронајдеме во креирањето на свеста кон насоката на независноста, самостојноста и будноста. Клучот на успехот е нашата судбина да не зависи од туѓите одлуки и намери, туку од сопствените цели и способности. Време е да ги преземеме работите во своите раце и да преиспитаме што може да направиме со сопствените таленти, вредности и можности.

Кога целта е мир со себе, внатрешна хармонија, чист образ и мирна совест, тогаш какви и да се околностите во кои живееме, ние имаме шанса да ги придвижиме нештата кон позитивната патека. Затоа, треба да ја зграпчиме шансата и да направиме се што е во наша моќ – целта да ги определи средствата за постигнување на успехот.

Суштинска вредност е да станеме горди на самите себе, да веруваме дека поседуваме сила и капацитет за остварување на амбициите и да не се доведуваме во ситуација неосвестените да ни кажуваат како треба да размислуваме, за кого треба да навиваме и кому да се подредуваме, демек, за да ни биде подобро. Народната умотворба која вели: “Наведната глава сабја не ја сече”, не кореспондира со денешното брзо темпо на живеење, во кое токму наведнатиот, малодушен, слаб и незаинтересиран поединец за одбрана на сопствените права е првиот што ќе биде исечен, прегазен, отфрлен, изманипулиран и маргинализиран.

(Доц. д-р Зоран Крстевски, универзитетски професор)